Концепти

Зајакнување и мобилизација на граѓаните

Општина по мерка на граѓаните

Интеграција на Ромите

Проекти и програми кои се спроведуваат во рамки на концептите

Форуми во заедницата

Пристап до правда во Македонија

Регионална програма за поддршка на истражувања

Проект на УСАИД за граѓанско општество

Хуманитарна и правна помош за мигрантите

Граѓанско учество за локална демократија

Заедничка рамка за правно зајакнување

Мобилизација на локални организации и активизам во заедницата | 2017

Граѓанска акција за итни реформски приоритети | 2017

Инклузивни и транспарентни образовни политики | 2017

Проект на УСАИД за граѓанско учество | 2017

Граѓанска алијанса за транспарентност | 2017

Области

Слобода на изразување

Младинска ангажираност за општествени промени

Унапредување на човековите права во здравството

Мониторинг и документирање на човековите права

Борба против корупција

Буџетска транспарентност

Младински активизам | 2017

Здравствени политики базирани на човековите права | 2017

Програми

Образование

Информации

Медиуми

Правна програма

Јавно здравство

Програма за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа

Исток-Исток: Прекугранични партнерства

Граѓанско општество

Регионална програма за поддршка на истражувања

Општо

Форуми во заедницата

Ние одлучуваме

поврзани конкурси

нема поврзани конкурси

поврзани публикации

нема поврзани публикации

Општо
пронајди

ОБРАЌАЊЕ ВО РАМКИ НА БРИСЕЛСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ

Џорџ Сорос


1 јуни 2017 год.
Транскрипт од излагањето на Џорџ Сорос на Бриселскиот економски форум

Чувствувам голема чест што сум поканет да се обратам пред една ваква ценета публика. Неодамна, Европската комисијата објави документ за дискусија на иднината на Европската монетарна унија кој треба да отвори дебата којашто јас со задоволство ја поздравувам. Сакам да се приклучам на зборовите од претходниот говорник и да го посветам овој говор во спомен на мојот драг пријател Томазо Падоа Скиопа. Сеќавањето на Томазо носи слатко-горчливи спомени. Ние тесно соработувавме по неговото пензионирање. Заедно работевме во обид да се спаси Европската Унија во време кога многу малку луѓе сфаќаа дека таа се движи кон егзистенцијална криза. Убеден сум дека тој неуморно работеше до неговата смрт. Сепак, среќен сум што ја имам оваа прилика за да се потсетам на него.

***

Пред да преминам на темата од мојот говор, сакам да ви кажам кој сум и за што се залагам. Јас сум 86-годишен унгарски Евреин кој стана американски државјанин по крајот на Втората светска војна. На рана возраст научив колкава е важноста на тоа каков политички режим доминира во едно општество. Окупацијата на Унгарија од страна на нацистичка Германија во 1944 година беше формативно искуство во мојот живот. Веројатно е дека јас ќе исчезнев доколку татко ми не ја сфати сериозноста на ситуацијата. Тој успеа да набави лажни лични документи за неговото семејство и за многу други Евреи. Со негова помош, многумина од нас преживеаја.

Во 1947 година пребегав од Унгарија, која во тоа време беше под комунистичка власт, во Англија. Како студент на Лондонската школа за економија, потпаднав под влијанието на австрискиот филозоф Карл Попер и развив сопствена рамка која се базира на два, подеднакво важни темели, а тоа се погрешливост и рефлексивност.

Јас правам разлика меѓу два вида политички режими: оние во кои луѓето ги избираат нивните лидери, кои пак треба да им служат на интересите на луѓето наместо на сопствените интереси, и оние во кои владетелите ги манипулираат луѓето за тие да им служат на интересите на нивните владетели. Под влијание на Попер, првиот вид режими ги нареков отворено општество, а вториот вид – затворено општество. Во времето на Џорџ Орвел, затвореното општество најдобро би се опишало како тоталитарна држава, која пак денес најдобро може да се претстави како мафијашка држава, односно држава која ја одржува фасадата на демократија, но владетелите ја користат својата контрола врз медиумите, судството и другите полуги на влијание за да се збогатат и да се одржат на власт.

Оваа класификација е премногу поедноставена. Сепак, сметам дека правењето разлика помеѓу двата вида режими има ефект на просветлување. Јас станав активен промотор на отворените општества и опонент на тоталитарните и мафијашките држави.

***

Мојата цел денес е да објаснам што јас и Томазо Падоа Скиопа би работеле заедно доколку тој беше сè уште жив.
Ќе се обидевме да ја спасиме Европската Унија за потоа радикално да ја преобмислиме. Првата цел, да се спаси Европа, треба да има предимство бидејќи таа е во егзистенцијална опасност. Но, се разбира, немаше да ја заборавиме и втората цел.

Преобмислувањето ќе треба да ја обнови поддршката што Европската Унија претходно ја уживаше. Тоа ќе го направиме со ревидирање на минатото и објаснување на она што тргнало на лошо и како може да се врати на прав пат. Токму за тоа сакам да зборувам денес.

***

Дозволете да почнам со минатото. По Втората светска војна, Западна Европа беше изградена одново со помош на Маршаловиот план, но сепак беше под закана од Советскиот сојуз, кој го окупираше источниот дел од континентот. Група визионери предводена од Жан Моне сакаше да го обедини западниот дел во организација чиишто членови никогаш нема да објават војна едни на други.

Визионерите се впуштија во она што Карл Попер го нарекуваше постепен социјален инженеринг. Тие поставија ограничени, но остварливи цели, утврдија временска рамка и генерираа јавна поддршка, знаејќи целосно дека секој остварен чекор ќе повлече нов чекор напред. Европската елита од нашата генерација реагираше на тоа со голем ентузијазам. Јас лично сметав дека Европската Унија е отелотворување на отвореното општество.

Сè се одвиваше добро до Договорот од Мастрихт, кој беше потпишан во 1992 година. Архитектите на договорот знаеја дека тој е нецелосен: договорот ја креираше централната банка, но не воспостави заеднички трезор. Сепак, тие имаа причина да веруваат дека кога ќе се појави потреба за тоа, политичката волја лесно ќе се генерира и ќе се преземат следните чекори.

За жал, тоа не се случи. Две работи застанаа на патот на тој план: колапсот на советската империја и обединувањето на Германија, кои беа толку тесно поврзани меѓу себе што се сметаа за еден настан, а потоа следуваше финансискиот крах од 2008 година како вториот настан.
Дозволете прво да зборувам за колапсот на Советскиот сојуз и обединувањето на Германија. Канцеларот Кол призна дека Германија би можела да се обедини само во контекст на една пообединета Европа. Под неговото далекувидно лидерство Германија стана главната движечка сила на европската интеграција.

Германија отсекогаш беше подготвена да придонесе малку повеќе за секоја зделка да може да се претвори во вин-вин ситуација. Претседателот Митеран сакаше потесно да ја врзе Германија во рамки на Европа, без да се откаже од голем дел од националната сувереност. Ова француско-германско разбирање беше основата на Договорот од Мастрихт.

Потоа се појави нацртот на уставниот договор, кој подразбираше пренос на сувереноста на централизирани институции, конкретно на Европскиот парламент и на Комисијата, но тој беше поразен на референдумите во Франција и во Холандија во 2005 година. За време на кризата на еврото која следуваше по финансискиот крах во 2008 година, де факто политичката моќ се пренесе во Европскиот совет, каде шефовите на држави беа во можност да донесуваат итно потребни мерки во последен час. Ваквата дискрепанца меѓу формалната и де факто моќта лежи во суштината на она што јас го нарекувам „Трагедијата на Европската Унија“.

Финансискиот крах од 2008 година почна во Соединетите Американски Држави, но многу посилно го погоди европскиот банкарски систем. По 2008 година, обединета Германија не беше ниту политички мотивирана, ниту доволно богата за да продолжи да дејствува како движечка сила за понатамошна интеграција.

По колапсот на Леман Брадрс, министрите за финансии од Европа изјавија дека нема да се дозволи пад на кои било други системски важни финансиски институции, но канцеларката Меркел инсистираше секоја земја да биде одговорна за своите банки. Со таквата изјава, таа всушност коректно го прочита мислењето на германската јавност. Токму тоа беше клучната точка на пресврт од интеграција кон дезинтеграција.

***

Денес, Европската Унија е во егзистенцијална криза. Поголемиот дел Европејци од мојата генерација беа поддржувачи на натамошната интеграција. Следните генерации почнаа да ја сметаат ЕУ како непријател кој им ја одзема безбедната и ветувачката иднина. Многумина од нив почнаа да се сомневаат дали Европската Унија може да се справи со повеќеслојноста на акумулираните проблеми. Тоа чувство беше зајакнато со подемот на анти-европски, ксенофобични партии кои се мотивирани од вредности што се дијаметрално спротивни на вредностите врз кои се темели Европската Унија.

На надворешен план, ЕУ е опкружена со непријателски велесили – Русија на Путин, Турција на Ердоган, Египет на Сиси и Америка онаква каква што Трамп би сакал да ја направи, но не може.

На внатрешен план, со Европската Унија се раководи врз основа на договори кои се застарени уште од финансиската криза во 2008 година. Овие договори станаа сè помалку релевантни наспроти доминантните услови. Дури и наједноставните иновации потребни за единствената валута да биде одржлива можеа да се воведат само преку меѓувладини аранжмани вон постојните договори. На тој начин, функционирањето на европските институции стана сè покомплицирано и на крајот, на одреден начин, ја направи нефункционална и самата ЕУ.

Конкретно, Еврозоната стана крајната спротивност на она што беше иницијално замислено. Европската Унија требаше да биде доброволна асоцијација на истомислечки држави кои се подготвени да предадат дел од сопствениот суверенитет за заедничко добро. По финансиската криза од 2008 година, Еврозоната беше трансформирана во кредитно-доверителски однос каде земјите-должнички не можат да ги исполнат своите обврски, а земјите-доверители ги диктираа условите што тие треба да ги исполнат. Со наметнување на политиката за штедење, земјите-доверители практично направија невозможно земјите-должнички да излезат од сопствените долгови. Нето резултатот не беше ниту доброволен, ниту еднаков.

***

Доколку Европската Унија продолжи со ваквата политика, постои мала надеж за подобрување. Токму затоа Европската Унија мора да биде радикално преосмислена. Иницијативата одгоре-надолу која ја почна Жан Моне го дотурка процесот далеку, но ја загуби својата движечка сила. Сега ни треба заеднички напор кој го комбинира приодот одгоре-надолу што го применуваат европските институции со иницијативи оддолу-нагоре кои се потребни за се вклучи електоратот.

Брегзит ќе биде неизмерно опасен процес, штетен за обете страни. Најголемиот дел од штетата се чувствува сега кога Европската Унија е во егзистенцијална криза, но нејзиното внимание е свртено кон преговорите за разделба со Британија.

Европската Унија мора да одолее на искушението да ја казни Британија и на преговорите со неа треба да им пристапи во конструктивен дух. Таа треба да го искористи Брегзит како катализатор за воведување далекусежни реформи. Разводот ќе биде долг процес кој може да потрае и пет години. Пет години се чинат како вечност во политиката, особено во револуционерни времиња како сегашните. Во тој период, Европската Унија може да се трансформира себеси во организација на која други земји како Британија би сакале да ѝ се приклучат. Доколку се случи тоа, двете страни може да сакаат повторно да се обединат дури и пред да заврши постапката за развод. Тоа би бил одличен исход, кон кој вреди да се тежнее. Во овој момент, тоа се чини практично незамисливо, но во реалноста лесно може да се постигне. Британија е парламентарна демократија. За пет години, таа ќе треба да одржи нови општи избори и следниот парламентарен состав може да гласа за повторно обединување со Европа.

Таква Европа би била различна од сегашните аранжмани во две клучни области. Прво, би се направила јасна разлика помеѓу Европската унија и Еврозоната. Второ, таа би признала дека еврото има многу нерешени проблеми и не смее да се дозволи тие да ја уништат Европската Унија.

Еврозоната се раководи според застарени договори кои потврдуваат дека од сите држави-членки се очекува да го прифатат еврото доколку и кога ќе се квалификуваат за тоа. Тоа создаде апсурдна ситуација во која земјите како Шведска, Полска и Република Чешка јасно ставија на знаење дека немаат намера да го прифатат еврото, но сепак се опишуваат и се третираат како земји „пред влез во еврозоната“.

***

Ефектот не е само козметички. Тој ја претвори ЕУ во организацијата во која Еврозоната го сочинува внатрешното јадро, а другите членки се ставени во подредена позиција. Во сево ова има една скриена претпоставка дека различни држави-членки може да се движат со различна брзина, но дека сите тие се движат во ист правец. Тоа му даде залет на тврдењето за „сè поблиска унија“, која беше експлицитно одбиена од голем број земји.

Ваквото тврдење треба да се напушти. Наместо кон Европа „со повеќе брзини“, ние треба да се стремиме кон Европа „со повеќе патеки“ која ќе им овозможи на државите-членки поширок спектар на опции. Тоа би имало многу подалекусежен корисен ефект.

Во моментов, ставовите кон соработката се негативни: државите-членки сакаат да го нагласат својот суверенитет, наместо да предадат поголем дел од него. Но, доколку соработката произведе позитивни резултати, ставовите може да се подобрат и некои цели кои во моментов најдобро се остваруваат преку коалиции на оние кои се волни може да се квалификуваат за универзално учество. Постојат три проблематични области во кои е неопходен значителен напредок. Првата се однесува на бегалската криза, втората на територијалната дезинтеграција, претставена преку Брегзитот, и третата се однесува на недостигот на политика за економски раст.

Треба да бидеме реални. Во сите три области почнуваме со многу ниска основа, а во случајот на бегалската криза, трендот е надолен. Сè уште немаме европска миграциска политика. Секоја земја го спроведува она што смета дека е во нејзин најдобар национален интерес и тоа често работи против интересите на другите држави-членки. Канцеларката Меркел беше во право: бегалската криза има потенцијал да ја уништи Европската Унија. Но, не смееме да се откажеме. Ако можеме да направиме значаен напредок во олеснување на бегалската криза, движечката сила ќе добие позитивна насока.

***

Јас имам голема доверба во движечката сила. Во мојата концептуална рамка ја нарекувам рефлексивност. И можам да видам развој на движечка сила која би ја сменила Европската Унија на подобро. Тоа ќе наложи комбинација на елементи одгоре-надолу и оддолу-нагоре и јас можам да ги видам двата вида елементи како се развиваат.

Во однос на политичкиот процес одгоре-надолу, стискав палци за време на изборите во Холандија на кои националистичкиот кандидат Герт Вилдерс падна од првото на второто место. Но, бев смирен од исходот на изборите во Франција на кои единствениот про-европски кандидат го постигна она што се чинеше невозможно и се избори за претседателското место. Многу посигурен сум во исходот на изборите во Германија каде постојат многу комбинации кои би можеле да доведат до про-европска коалиција, особено доколку анти-европската и кеснофобичната партија Алтернатива за Германија го продолжи својот виртуелен колапс. Тогаш, растечката движечка сила може да биде доволно силна за да се надмине најголемата закана, односно опасноста од банкарска и миграциска криза во Италија.

Исто така, можам да видам и многу иницијативи оддолу-нагоре, а она што е уште поважно, тие се главно поддржани од млади луѓе. Во моментов ми текнува на иницијативата „Пулс за Европа“ која почна во Франкфурт во ноември и се прошири во околу 120 градови на целиот континент, потоа движењето „Најдобро за Британија“ кое се појави во Обединетото Кралство, и отпорот кон партијата Право и правда во Полска и кон Фидез во Унгарија.

***

Отпорот со кој се соочи премиерот Виктор Орбан во Унгарија мора да го изненадил исто толку колку што ме изненади и мене. Тој се обидуваше да ги врами неговите политики како личен конфликт меѓу нас двајцата и ме направи мета на неговата немилосрдна пропагандистичка кампања. Притоа, себеси се стави во улога на бранител на унгарската сувереност, а мене ме претстави како сомнителен берзански шпекулант кој ги користи своите пари за да ја потопи Европа, а особено неговата родна Унгарија, со нелегални мигранти, како дел од некоја нејасна, но злобна завера.

Тоа е сосем спротивно на она што сум јас. Јас сум горд основач на Универзитетот на Централна Европа кој, по 26 години од неговото основање, се вброи меѓу педесетте најдобри универзитети во светот во однос на поголем број општествени науки. Јас великодушно го финансирав универзитетот и тоа му овозможи да ја одбрани својата академска слобода не само од мешањето од страна на унгарската влада, туку и од нивниот основач.

Јас енергично давав отпор на обидите на Орбан нашите идеолошки разлики да ги преточи во лична нетрпеливост и успеав во тоа.

***

Кои лекции ги научив од ова искуство? Прво, за да се одбранат отворените општества не е доволно да се потпираме само на владеењето на правото, туку мораме да застанеме во одбрана на она во што веруваме. Универзитетот што го основав и организациите што мојата фондација ги поддржува го прават тоа. Нивната судбина сега виси на конец. Сепак, јас сум сигурен дека нивната одлучна одбрана на слободата, и академската слобода и слободата на здружување, на крајот ќе ги покренат бавните запченици на правдата.

Второ, научив дека демократијата не може да се наметнува однадвор; таа треба да биде признаена и одбранета од самите луѓе. Јас имам огромна почит за храбриот начин на кој унгарскиот народ даде отпор на измамата и корупцијата на мафијашката држава што ја воспостави режимот на Орбан. Уште повеќе, јас сум охрабрен од енергичниот начин на кој европските институции одговорија на предизвикот што доаѓа од Полска и Унгарија. Сметам дека предлогот на Германија за користење на Кохезивните фондови за целите на зајакнување е навистина ветувачки. Можам да видам дека обновата на Европската Унија добива сè поголема база на поддржувачи. Но таа нема да се случи сама по себе. Оние кои се грижат за судбината на Европа ќе мора активно да се вклучат.

Морам да завршам со едно предупредување. Европската Унија е огромна, тромава и често ѝ треба едногласност за да ги спроведе своите правила. Тоа е тешко да се постигне кога две земји, Полска и Унгарија, заговараат отпор на таквите заложби. Сепак, на ЕУ ѝ требаат нови правила за да ги одржи своите вредности. Но и одлучна акција од страна на европските институции и активен ангажман на граѓанското општество. Ајде сите да се ангажираме!

поврзани новости

нема поврзани новости