Logo gore
Logo dolu

ИСТОРИЈАТ

ИКОНИ НАСТАНАТИ ВО ПЕРИОДОТ НА XV ВЕК ВО ОХРИДСКИОТ ИКОНОПИСЕН ЦЕНТАР

Меѓу иконите на охридскиот иконописен центар, за кои сметаме дека настанле во последните години на XIV и во првите децении на XV век, ги споменуваме Царските двери и малата икона “Воведението на Богородица во храм“, од црквата Константин и Елена во Охрид. Овие дела на непознати иконописци проф. Воислав Ј. Ѓуриќ ги поврзува со живописот од наосот на оваа охридска црква, сметајќи дека излегле од раката на ист мајстор. Со фреско-живописот, поточно со живописот во нејзиниот јужен параклис, во кој е насликана фигурата на Св. Ѓорѓи, се поврзува и иконата Житието на Св. Ѓорѓи“, откриена во истоимената црква во Струга. Меѓутоа, според нашето мислење, би можело да се смета дека овие икони настанале во кугот на исти мајстори или дури во рамките на нивната иконописна работилница, но никако не би можело да се каже дека се дело на ист иконописец. Творецот на иконата “Житието на Св. Ѓорѓи“ покажува посигурен и позрел цртеж, изедначен колорит и далку поголеми занаетчиски можности, ососбено во обработката на деталите. Непознатиот зограф на истата икона натписите ги испишал на старословенски и грчки јазик.

На една од преостанатите локални сликарски работилници, која работи во првата половина на XV во Охрид, ги припишуваме добро зачуваните Царски двери (едно крило) од црквата Богородица Болничка во Охрид и Царските двери со композицијата “Благовештение“ од црквата во село Ботум, близу до Охрид. Денес и двете овие дела се наоѓаат во Галеријата на икони - Охрид.

Иконописот во овој центар со мали исклучоци, покажува постепено опаѓање на квалитетот, како и на бројот на насликани дела.

Gore

<< Претходна - Следна >>

Иконите во Македонија

15.09.1998