Logo gore
Logo dolu

ИСТОРИЈАТ

ИКОНИ - ДЕЛА НА НЕПОЗНАТИ ЗОГРАФИ РАБОТЕНИ ВО ПЕРИОДОТ НА XIV ВЕК, ДО ПАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ПОД ВЛАСТА НА ОСМАНЛИСКИТЕ ТУРЦИ
Страна 2 >>
Страна 3 >>
Страна 4 >>

Приближно во истото ова време, првите децении на XIV век, припаѓаат и неколкуте мошне значајни икони, меѓу кои најголемо внимание заслужуваат двете литиски икони посветени на Исус Христос Душеспасител, со композицијата “Распетие Христово“, од едната и на Богородица Душоспасителка со композицијата “Благовештение“, од другата страна.

На научната јавност овие икони прв и ги прикажа Н. П. Кондаков, кој епитетите на Христос и Богородица ги толкува со можната врска за постоењето манастир посветен на Богородица Душеспасителка во Цариград. За цариградскиот манастир се знае дека постоел во XI век, иако не е точно познато кога бил подигнат. Меѓутоа, постојат неколку документи од средината на XIV век што сведочат дека ромејскиот император Андроник II Палеолог (1282-1328) му го подарил манастирот Богородица Душеспасителка на охридскиот архиепископ Григорие, кој пак од своја страна, го именувал јеромонахот Галатион за манастирски настојник. Врската на охридскиот архиепископ, со цариградскиот манастир и големата наклоност на ромејскиот цар кон претприемчивиот и високообразован охридски архиепископ, ја овозможува реалната претпоставка за цариградското потекло на овие охридски икони. Ако имаме предвид дека истиот охридски архиепископ остварил еден од најзначајните проекти на XIV век, изградбата на монументалната припрата на охридската црква Св. Софија (1314) и дека од ромејскиот василевс Андроник II Палеолог добил како дар голема, со злато и сребро везена плаштеница врз пурпурна основа, тогаш можеме да претпоставиме дека и споменативе икони можеле да бидат еден дел од подароците на царското семејство за охридската катедрала.

Исус Христос Душеспасител е насликан во допојасна претстава. Со десната рака благословува, а во левата држи голема затворена книга со богато украсена корица. Облечен е во темноцрвен хитон, со светлоцрвени осветлувања и темнозелен химатион со светлоселени осветлувања. Моделирањето на лицето и голите делови на телото и рацете е изведено со нијанси на светол окер врз бледо зелена подлога.

На другата страна од литиската икона е насликано “Распетието Христово“.

Над Адамовиот гроб, претставен во вид на купеста карпа со насликан череп, забоден е голем крст со распнатиот Христос. Телото на спасителот е лесно повиено, со глава потпрена на десното рамо. Околу колковите се наоѓа богато драпиран перизом. Од десната страна на крстот е насликана Богородица со тажен израз на лицето и приклонета глава што ја потпира со рака. Облечена е во мафорион со боја на печен окер, порабен со златна лента. Од левата страна, свртен кон Христос, е насликан Св. Јован, со селно приклонета глава и високо подигнати раце во гест на адорација. Неговиот хитон има темнозелена-сина боја, а химатионот е изведен со светол окер и темни сенки. Во заднината на композицијата е насликан бедем на утврден град, а над бедемот - златен фон. Врз златниот фон, горе, од двете Хритстови страни, се насликани ангели во лет.

Богородица Душеспасителка е насликана, исто така како и Христос Душеспасител, во допојасна претстава. Во левата рака го држи малиот Христос. Облечена е во темноцрвен мафорион опшиен со златни и окер ленти. Под мафорионот, на главата, е видлива бледосива-зелена капа. Облеката на малиот Христос е во еден тон на светол окер со златни шрафирања и син клавус на рамењата. Во левата рака држи цинобер свиток, а со десната благословува. Горе, од едната и другата страна на ореолот, насликани се архангелите Михаил и Гаврил. Фонот на иконата и рамката се покрива со златен и сребрен оков.

На другата страна на иконата е насликана композицијата “Благовештение“.

Богородица, облечена во мафорион со боја на печен окер, е седната по бадалхин на цинобер перница. Десната рака е подигната во гест на изненадување, а во левата држи пурпурно предиво. На посебен постамент, пред Богородица е насликан архангелот Гаврил, со раширени крила, што го означува моментот на слетувањето. Облечен е во зеленикаво-син хитон и сивобел химатион. Во заднината е насликана условна архитектура. Врз златниот фон со цинобер боја, се испишани сигнатурите.

Стилската анализа на литиските икони оди во прилог на веќе искажаното мислење, дека се работи за рака на еден иконописец што припаѓал несомнено кон највисокиот врв цариградски творци на времето. Архангелот Гаврил, кој со леснотија лебдее над земјата, лесно отпуштеното тело на мртвиот Христос од распетието и другите брилијантно изведени детали несомнено се дело на непознатиот цариградски мајстор, кој бил поврзан, а можеби и заедно работел во рамките на една работилница со исто така брилијантниот творец на оковите. Со поголема сигурност може да се смета дека се работи за царска сликарска и златарска работилница под раководство на овие мајстори.

Анализата на споменативе литиски икони, особено работата на релјефните бисти на старозаветните пророци, апостоли и евангелисти, при обидот за оценка кој од онив двајца бил поталентиран и повешт мајстор, не доведува во неразлрешлива дилема. Имено веќе подвлековме дека се работи за ист мајстор кој го работел иконописот на двете литиски икони, а истото се однесува и за мајсторот-златар кој ги работел оковите за двете лититски икони.

На оковот на иконата “Исус Христос Душеспасител“ сигнатурата е изведена во четири полиња, од кои две се кружни а две правоаголни. Кружните, со сигнатурата: IC XC, се поместени од двете страни на ореолот во горниот дел на фонот, додека правоаголните, со сигнатурата: OYVXO/CWHC, се сместени под кружните полиња.

На горниот дел од рамката украсена со стилизиран флорален орнамент се вкомпонирани два кружни мадалјона со орнаменти и три квадратни плочки на кои во релјеф се претставени бистите на Исус Христос, во средината, и на апостолите Петар и Павле, од обата краја. На десниот дел од рамката од четирите кружни медалјони со флоралени орнаменти, останале три, а од четирите квадратни плочки само една и тоа со бистата на евангелистот Матеја. На левиот дел од рамката од четирите кружни медалјони со флорален орнамент, останале два, а од квадратните плочки, кои исто така биле четири, останале две со бистите на Св. Јован Теолог и на евангелистот Марко. На долниот дел од рамката оковот е наполно загубен.

На оковот на иконата “Богородица Душеспасителка“ сигнатурите се изведени во десет полиња, од кои осум се кружни и две правоаголни. Во кружните полиња, од двете страни на ореолите на архангелите Михаил и Гаврил, во горниот дел на фонот пишува: APX MIXAHL APX GABPIL. Во големите кружни полиња, од двете страни на ореолот на Богородица пишува: МНРQV. Во двете кружни полиња над ореолот на малиот Исус Христос пишува: IC XC: Во правоаголните полиња, поставени хоризонтално, за разлика од оние на оковот на Исус Христос Душеспасител, каде што биле вертикално поставени пишува: Н YYXO/CWTRIA.

Распоредот и бројот на кружните медалјони и квадратните полиња на рамката од оковот на иконата “Богородица Душеспасителка“ бил ист како и кај оковот на иконата “Исус Христос Душеспасител“. На горниот дел од рамката во квадратните плочки, во релјеф биле изведени бистите на Исус Христос, во средината, на пророкот Јаков, одлево, и на Св. Јован Златоуст, оддесно. Меѓутоа, уште Н. П. Конадаков, укажува дека плочката со кружен медалјон на која е претставена бистата на Св. Јован Златоуст не и припаѓала на оваа икона. Тоа е уште една потврда дека во охридските цркви имало поголем број икони со окови. Конкретно, монтираната пластинка од некоја друга икона покажува дека и тие, денес загубени окови на икони, биле со високи уметнички квалитети. На десниот дел од рамката од три квадратни плочки останале две, со бистите на пророците Арон и Гедеон. Во долниот дел од рамката е повторно уфрел медалјон со бистата на Св. Врач Дамјан, за чиешто постоење укажува исто така Н. П. Конадаков. При описот на оковот на оваа икона од страна на Н. П. Конадаков, на левиот дел од рамката постоела и трета плочка со бистата на пророкот Еремија. На фотографиите снимени 1957 година постои оваа пластинка, додека по извршената конзервација и се губи трагата. Оковот на долниот дел од рамката е наполно загубен. Од двтете страни на ореолот на Богородица се насликани архангелите Маихаил и Гаврил. За нив на оковот се направени посебни отвори работени точно според цртежт на насликаните фигури. Тоа е уште еден податок дека мајсторите биле во непосредна и постојана врска при сликањето и изработката на оковите.

Оковите на овие икони, особено во релјеф изработените бисти на апостолите, пророците и евангелистите, ги презентираат најуспешните остварувања на средновековните златарски работилници кои, би се рекло, по прецизноста на изведбата, минициозноста на цртежот, пластичноста, реалистичкиот третман, минијатурните форми, есететскиот ефект и по многу други карактеристики, не можеле долго време да бидат надминати. Украсувањето со разнобоен емајл во техника на втиснување, исто така, спаѓа во редот на многу ретките остварувања во средновековната уметност, кои се на ниво на веќе познати дела на цариградски златарски работилници. По остварениот ликовен резултат, како и по скулпторските вредности на изведените фигури во позлатено сребро, иконите на Исус Христос Душеспасител и на Богородица Душеспасителка се вбројуваат меѓу ремек-делата на ромејската уметност воопшто.

Секако на некоја од најреномираните иконописни работилници на Цариград или Солун и припаѓа и малата мозаична икона со поставен Исус Христос на престол, откриена од авторот на овој труд во црквата Богородица Перивлептос, Охрид. Иконата припаѓа кон познатата група мали портабл-икони. Во ромејската уметност портабл мозаичните икони спаѓаат во редот на мошне ценети предмети. Во литературата што им е посветена се набријани повеќе од 30 кои стигнале до нас. Истражувачот Ото Демус, извонреден познавач на проблематиката на мозаичните икони, правејќи преглед на нивниот број, укажува дека во Италија има осум икони, во Русија пет, во Света Гора четири, а по една или најмногу по две во други земји. До откривањето на нашата икона и науште една друга од истата црква, која за жал скоро целосно е уништена, во Македонија не се откриени портабл-мозаични икони.

Страна 2 >>
Страна 3 >>
Страна 4 >>

Gore

<< Претходна - Следна >>

Иконите во Македонија

15.09.1998