Logo gore
Logo dolu

ИСТОРИЈАТ

ИКОНИ НАСЛИКАНИ ВО XIII ВЕК

Страна 2 >>

Во првите децении на XIII век според литературата со која располагаме, настанале две многу значајни икони посветени на Исус Христос. Првата била подарок од царот Теодор и од неговата сопруга Дукена Марија Комнин, а втората подарок од познатиот охридски архиепископ Димитриј Хоматијан. И двете икони уште одамна исчезнале. Останал само позлатениот оков од Хоматијановата икона, кој денес се наоѓа во некој музеј во Софија.

Обичајот охридските архиепископи, при стапувањето на престолот на архиепископијата или подоцна, да им подаруваат икони на охридските цркви, без сомневање, продолжува и подоцна. За тоа зборува и првата досега откриена охридска икона точно датирана со натпис. На големата престолна икона е насликан Исус Христос во допојасна претстава, а на задната страна, во пет големи кружни полиња, се наоѓа испишан натпис во кој како дарител се спомнува охридскиот архиепископ Константин Кавасилас и годината на сликањето 1262/3. Константин Кавасилас бил талентиран писател, бивш епископ на Струмичката епископија. Напишал канон посветен на Тивериополските маченици, а подоцна, кога стапил на престолот на охридските архиепископи, и канон на Св. Климент Охридски, со што секако, меѓу другото, заслужил посебна чест во Охрид. Неговиот портрет, подоцна ќе се најде заедно со оној на Св. Климент Охридски во црквата Богородица Перивлептос, како и по ѕидовите на црквите Св. Јован Богослов-Канео и Св. врачи Кузман и Дамјан од Охрид. Проф. Воислав Ј. Ѓуриќ, зборувајќи за оваа икона, се обиде да дешифрира една крајно немарно изведена лигатура од две букви /НВ/, како потпис на иконописецот чиешто име би било Василиј. Меѓутоа, не сме убедени дека се работи за потпис на иконописецот, туку за случајно испишан запис од некоја подоцнежна интервенција.

Меѓу охридските икони настанати во XIII век, иконата на Константин Кавасилас посветена на Исус Христос може да се смета за најавтентично зачувано дело на иконописното сликарство стигнато до наши денови. Со исклучок на сосема мало оштетување на десната рака и на гипсениот ореол, иконата е наполно зачувана во својот првобитен изглед.

Допојасната претстава на Исус Христос се одликува со правилни пропорции со прецизно изведен цртеж и богат колорит. Изненадува свежината на зачуваните бои, особено на темносиниот хематион, осветлен со златен полимент изведен во широки површини. Над светломаслинестиот болус на лицето и рацете, непознатиот сликар моделира со интензивно црвена боја, со светол окер, а по местата на најголемото осветлување слика со мошне тенки линии, изведени со бела боја. Без сомнение, се работи за сликар што потекнувал од солидна сликарска работилница, во која бил со големо внимание следен развојот на новите струења во сликарството на Ромејската држава, кои по ослободувањето на Цариград и обновата на царството во 1261 година, повторно почнале да допираат и до поголемите црковни центри во внатрешноста на земјата.

Новите струења во сликарството стануваат видливи и во третманот на Исус Христос, чиј лик станува многу поконкретен, со големо настојување за портретно прикажување и хуманизирање. Тоа е видливо во делата на непознатите сликари што работат главно во втората половина на XIII век. Ги наведуваме ликот на Исус Христос Пантократор на иконата од синајскиот манастир Св. Катарина и ликот на Христос од композицијата “Деисиз“ од архитравната греда на иконостасот во манастирот Ватопед на Света Гора, датирани во XIII век.

Овде ќе треба да нагласиме уште дека натписот за задната страна на иконата е распореден во пет големи кружни полиња, поставени така што формираат крст. Во преводот од грчки јазик, натписот гласи: “Во 1262 година индикт 1, се наслика оваа света икона за време на архиепископот Константин Кавасилас“.

Само неколку години подоцна, во 1267/8 година, за новоизградената црква Св. Ѓорѓи во Струга, крај Охридското Езеро, била изработена голема престолна икона на Св. Ѓорѓи, која и денес се наоѓа во истоимената струшка црква. Светителот насликан во цел раст, во војничка облека, која се состои од темнозелени панталони, куса зелена туника чиишто рабови се украсени со широка лента, панцир кошула составена од мали црвени плочки, со метален монолитен панцир на кој се наоѓа голем богато орнаментиран крст и црвен плашт префрлен преку рамо. Младиот воин, во десната рака, држи долго копје, а со левата потпира голем штит.

Иконата е работена врз монолитна костенова штица. На задната страна, како и на иконата подарок од Константин Кавасилас е испишан опширен текст на грчки јазик кој, во превод, гласи: “Дар на твојот слуга, смирениот ѓакон Јован, кој ја има честа на референдар, и кој со стравопочит, со зборови го опиша твојот лик, а вештите со боја ја насликаа оваа икона, поставувајќи ја во Струга Охридска.“ Јован по своја желба упатува молитва 6775 (1267/8 година) Индиктион 5. Насликана со раката на зогрзфот Јован. Првите седум редови на овој натпис се напишани во дванаестерец, стих кој во овој период, по мислењето на Ф. Баришиќ, претставувал главна, ако не и исклучиво, употребувана форма во ромејската поезија.

Релатвно добро зачуваниот натпис дава повеќе мошне интересни и драгоцени податоци. Во него го наоѓаме првото познато име на еден средновековен сликар во Македонија, како и првото спомнување на денешниот град Струга, со тоа име крај брегот на Охридското Езеро.

В. Н. Лазарев, кој посветил посебна студија за ликот на Св. Ѓорѓи, претставен како воин во уметноста во Ромејската држава и Русија, посебно нагласува дека “Ромејците најмногу сакале да го прикажуваат Св. Ѓорѓи простум, потпрен со левата рака на својот штит, а со десната држи копје“. Најблизок до типот на Св. Ѓорѓи од нашата икона, во прв ред, се прикажува стеатитната икона, датирана во X век, од манастирот Ватопед на Света Гора, а потоа иконата од позлатено сребро од Суџуана-Грузија, работена во XI век, мозаичната икона (доста оштетена) од Мацхвариш-Грузија, работена во XI-XII век, стеатитната икона “Св. Ѓорѓи“ со ликовите на Св. Ѓорѓи и Теодор Стратилат, датирана од XIII-XIV век, од Историскиот музеј во Москва, релјефот со претстава на Св. Ѓорѓи од Георгиевскиот храм во Јурјево Полско во Русија од 1234 година, како и ликот на Св. Ѓорѓи во Томотесубани-Грузија, XIII век, насликан во фреско-техника.

Кога би го занемариле податокот дека иконата е точно датирана, се добива впечаток дека е многу постара. Затоа и наоѓаме големи сличности со сликарството од XI до XII век во Македонија. Особено сакаме да ја нагласиме сличноста со живописот на црквата Света Бесребреници Кузман и Дамјан во Костур. Меѓутоа, точниот датум испишан на задната страна од иконата бара подетален и повнимателен пристап. Ликот на Св. Ѓорѓи, насликан од зографот Јован, не е ограден со црна дебела линија, што го намалува впечатокот за пластичност како, на пример, кај ликот на истиот светител во костурската црква. Колоритот е пожив, а начинот на моделирање, со благи премини, помага да се добие впечаток на пластичност и за реално вклопување на фигурата во просторот. Анализирајќи го сликарството на зографот Јован, познато до денес само од оваа икона, станува појасен неговиот стремеж кон еден нов пристап во кој основно мерило на квалитетот претставува стремежот кон поголема реалност. Тој се претставува како добар познавач, на традицијата, но и како сликар што не останал настарана од новите струења во сликарството родени уште во Никеја, а ширени од Цариград, по неговот ослободување од Латините.

И овојпат треба да се нагласи мислењето на В. Н. Лазарев, кој смета дека овој период дал поттик за оживување на локалните национални школи. “Поинтензивниот ликовен живот во Србија, Бугарија, Грузија и Ерменија ги изведува овие школи на патот на самостојниот развиток“. Во XIII век Македонија и Србија почнуваат да играат крупна улога, во својство на самостојни уметнички школи, каде што неретко се пренесува и тежиштето на рзвојот. Македонија во XIV век се повеќе станува еден од големите уметнички центри на Ромејската држава, почнувајќи да игра видна улога уште во XIII век. Со стремеж кон Солун, таа несомнено била главен преносен пункт во процесот на ширење на ромејската уметност во Бугарија, Србија и Русија.

Имајќи го предвид делото на зографот Јован, во овој период на охридскиот уметнички центар, може со голема сигурност да се смета дека имало сопствени творци што биле во состојба да одат во чекор со новите струења, кои се ширеле со зголемен интензитет од ослободениот Цариград.

За зографот Јован немаме никакви пишувани податоци што би зборувале за неговото потекло, датумот на раѓање и смртта, како и за местото на неговото школување. Судејќи по неговото, до денес единствено потпишано дело, можеме да сметаме дека работел и бил оформен како сликар, секако надвор од иконописните центри какви што биле Цариград и Солун.

Дали зографот Јован, творецот на струшката икона посветена на Св. Ѓорѓи, работел на украсувањето на големата трикорабна базилика Св. Никола во с. Манастир, во регионот на Мариово кај Прилеп, до денес не е потврдено со ниеден пишуван изворен документ. Извесен број историчари на уметноста, кои ги проучувале струшката икона и фреско-сликарството на манастирската црква во с. Манастир, наоѓаат сличности што овозможуваат да се претпостави дека не е исклучено неговото ангажирање. Затоа приндоесува, како што се нагласува, и претпоставуваната врска помеѓу “референдарот на пресветата архиепископија ѓаконот Јован“ од Манастир, за кого се смета дека е една и иста личност со “референдарот ѓакон Јован“ од струшката икона, т.е. со зографот Јован. Меѓутоа, споредбата на Св. Ѓорѓи од струшката икона со Св. Ѓорѓи насликан во фреско-техника во споменатата црква од Манастир, според нашето мислење не зборува премногу убедливо дека се работи за исти творец. Можеби тоа е резултат на колективен труд во рамките на една иста работилница, бидејќи е веќе познато уште едно име на зографот Руфим, кој своето присуство во работата на живописот од мариовската црква го обележал со потпис на фреска во олтарниот простор на црквата.

Колку традицијата на старото комненско сликарство била се уште присутна во делата на еден значителен број творци што работеле во Македонија, во последните децении на XIII век, зборува не само струшката икона, туку и фреско-сликарството на големата базилика во Манастир, како и подоцна настанатите дела на зогрзфите, меѓу кои фреските во охридската црква Св. Јован Богослов-Канео, Охрид.

Меѓутоа, во истиот период, во архиепископскиот град наоѓаме икони кои по своите основни стилски карактеристики, по техниката на работењето, прецизноста на реализацијата - припаѓаат кон друга група, поточно кон друга средина што негува иконопис во кој е јасно втиснат новиот современ стремеж во сликарството. Меѓу овие дела, на прво место ја ставаме литиската икона од познатата збирка икони во црквата Богородица Перивлептос во Охрид, денес Галеријата на икони - Охрид. На едната страна од иконата, во допојасна претстава е насликана “Богородица Одигитрија", а на другата страна "Распетие Христово“. Мислењето на поголем број историчари на уметноста не е поделено околу тоа дека оваа икона претставува ремек-дело на ромејското штафелајно сликарство.

Богородица Одигитрија е насликана во допојасна претстава со малиот Христос во левата рака. Во десната подигната во висина на грдите, покажува кон Христа, кој во левата рака држи затворен свиток, а со десната благословува. Богородица е облечена во мафорион, боја - печен окер со темносина сенка. На главата, под мафорионот, има зелена грчка капа, додека на десната рака е видлив дел од зелениот ракав на хитонот украсен со златни ленти. Малиот Христос е облечен во маслинест хитон со темносина сенка и интензивни бели осветлувања по наборите. Химатионот е црвен, со црни сенки. Лицето на Богородица е изведено со мек, но прецизен цртеж, што ја подвлекува длабоката тага на мајката пред сознанието за судбината на својот сакан син. Болусите по лицата на Богородица и на малиот Христос, како и голите делови на телата, се изведени со светлопечен окер, над кој е моделирано со светол окер, со црвена и бела боја. Уште на прв поглед се забележува разликата во моделирањето на лицето на Богородица, и нејзините раце од едната страни и лицето на Христос и неговите раце и нозе, од друга страна. Претпоставка е дека лицето на Богородицата останало недовршено од страна на иконописецот нема никаква основа. Сметаме дека се работи за оштетување настанато поради нестручно чистење на ликот на Богородица кон крајот на XIX или уште поверојатно во првите децении на XX век.

На фонот и на рамовите на иконата се наоѓа оков од позлатено сребро, за кој подоцна ќе зборуваме.

На другата страна на иконата, е насликана композицијата “Распетие Хрисотово“. На големиот крст се наоѓа мртвото Христово тело со лесно наведната глава, приклонета на десното рамо. Вешто моделиран призом му ги покрива колковите. Под краците на крстот, од едната и од другата страна, се претставени Богородица и Св. Јован. Богородица е предадена премалена од тага, но со достоинствена поза на адорација, со подигнати раце во висина на градите и лесно приклонета глава, облечена во мафорион со боја - печен окер, свртена кон Христа. Св. Јован е во приближно иста поза, со нешто поднаведната глава, потпирајќи ја со десната рака, а со левата ги придржува краиштата на химатионот. Горе, над хоризонталната греда на крстот, два ангела во лет со подигнати раце. Местото на кое е забоден крстот со распнатиот Христос претставува купеста карпа под која се наоѓа гробот на Адам, означен со череп. Дека се работи за литиска икона, сведочи и посебно изработениот жлеб на долниот дел од рамката каде што бил вглавуван држач со кој иконата се носела на процесии.

Анализирајќи го делото на непознатиот зограф што ги насликал и двете страни на иконата, станува јасно дека се работи за творец со високи уметнички вредности, кој несомненео припаѓал кон некое од најпознатите сликарски ателјеа во престолнината на Ромејското царство. Ако ги имаме предвид поранешните случаи, кога одделни икони биле донесувани или нарачувани од страна на некои новопоставени архиепископи на охридскиот архиепископски престол, и во овој случај дарителите би требало да ги бараме меѓу нив. Со оглед дека врз основа на стилска анализа, иконата ја датираме во последните децении на XIII век, за овој период даваме преглед на новопоставените охридски архиепископи. Така, по Константин Квасила, за кој се смета дека околу 1270 година го отстапил престолот или пак починал, во Охрид пристигнал Јаков Проархиј, духовник кој припаѓал кон монашкиот круг. Тој му е пријател на познатиот Никифор Влемид, и човек кој по своите погледи, се покажува близок до унијатството. Можеби токму поради тоа, наскоро ќе биде принуден да го напушти архиепископскиот престол во Охрид и да отиде меѓу монасите на Света Гора. Него, судејќи по се го заменил духовник кој, за прашањето на унијатството, имал сосем спротивно мислење.

Тоа е архиепископот Адријан, за кого се вели дека бил познат по своите полемички написи против Латините. Но, во овој период, архиепископите на охридскиот архиепископски престол се менувале многу брзо. По Адријан, на престолот стапува Генадиј, кој изгледа бил принудно поставен за охридски архиепископ од страна на императорот Андроник II Палеолог.

Токму со еден од овие архиепископи би можела да биде поврзана литиската икона, која толку убедливо ги презентира квалитетите на цариградските сликарски работилници од овој период. Во врска со оваа икона, се поставува уште едно прашање, кое се однесува исклучиво на оковот од позлатено сребро: дали литиската икона излегла од ателјето со оков или пак овој бил подоцна поставен во Охрид?

Страна 2 >>

Gore

<< Претходна - Следна >>

Иконите во Македонија

15.09.1998