Logo gore
Logo dolu

ИСТОРИЈАТ

ФРЕСКО ИКОНИ

Во катедралната црква Св. Софија во Охрид, кон средината на XI век по ѕидовите на ѓакониконот и проскомидијата, во фреско-техника биле изведени икони на значајни црковни архиереи. Меѓу нив, најдобро се зачувани допојасните претстави на александриските патријарси Јован и Евстатиј, како и ликовите на Св. Поликарп и Тимотеј. Непознатиот сликар инсистирал на тоа овие фреско-икони да даваат впечаток на икони работени на дрвена подлога. Тој посебно ја нагласувал пластичноста на материјалот на кој иконите се насликани, истакнувајќи ја со помош на сенки длабината на ковчежето, а ги слика и металните држачи и клинци, за кои тие “дрвени“ икони се “закачени“ по ѕидовите на црквата. Вакви случаи во овој период, има на повеќе места во Македонија. За илустрација ќе ги спомнеме фреско-иконите од црквата Св. Врачи Кузман и Дамјан во Костур (XI-XII век), каде што непознатиот сликар изработува поголем број фреско-икони, инсистирајќи на тоа да создаде претстава за галерија на икони “закачени“ со посебни куки по ѕидовите на црквата. Меѓу најдобро зачуваните ликови ќе ги споменеме Св. Кирос и Св. Јован. На некои минијатури, како на пример на минијатурата во Псалтирот од Британскиот музеј од 1066 година, ги откривме истите настојувања за прикажување икони што се “закачени“ и што “висат“ по ѕидовите.

Во црквите на овој, а и на подоцнежниот период, покрај фреско-икони “закачени“ по ѕидовите, наоѓаме и фреско-икони сврзани со иконографијата на иконостасите. Кога зборуваме за црквата Св. Софија во Охрид, треба посебно да укажеме на фреско-иконите насликани на столбовите напоредно со рамнината на иконостасот. Се работи за две големи фреско-икони посветени на Богородица со малиот Христос в раце. Божјата мајка на северниот столб, припаѓа кон типот Богородица Умиление.

Не може да се зборува за фреско-икони, а притоа да не се укаже на оние, насликани во црквата Св. Пантелејмон во Нерези,сопско, од 1164 година. И овде, како и во Св. Софија - Охрид, станува збор за два вида икони, едните “закачени“ по ѕидовите а другите “врамени“ на столбовите, во рамките на иконостасот. Икони “закачени“ на ѕидовите во нерешката црква Св. Пантелејмон наоѓаме во јужната капела и во проскомидијата, додека фреско-иконите, врамени во богато изработени штукатурни рамки насликани на столбовите, претставуваат една целина заедно со камениот иконостас.

Вакви фреско-икони украсени со богати мермери или штукатурни рамки наоѓаме и во цариградсата црква Богородица Кириотиса од крајот на XI век, во црквата Богородица во Самара на Пелопонез од крајот на XII век, и др. Кога ктиторите не биле во состојба да платат поскапоцени рамки, тогаш сликарите се нашле принудени самите да насликаат рамки за овие свечени икони, како што е случај со фреско-иконите на северниот и јужниот ѕид, од двете страни на иконостасот во црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново од 1191 година, или во црквата Св. Јован Богослов - Канео во Охрид, од последните години на XIII век. Со поголема сигурност може да се претпостави дека вакви фреско-икони биле насликани на столбовите, од двете страни на мермерниот иконостас, во охридската црква Богородица Перивлептос (Св. Климент) во 1295 година. Меѓутоа, тие биле уништени при монтирањето на новиот иконостас, работен од дрводелецот Томе, а сликан од Дичо Зограф во XIX век.

Во 1317 година, познатите средновековни сликари Михаил и Евтихиј, во црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане - кумановско, откако ги заѕидале интерколумните, во така создадениот простор на иконостасот сликаат фреско-икони посветени на патронот на црквата Св. Ѓорѓи и на Богородица Пелагонитиса. Неколку години подоцна, овие овие автори ја сликаат фреско-иконата посветена на Св. Никита во истоимената црква во с. Бањани кај Скопје. Постојат бројни фреско-икони насликани по црквите во Македонија од XI до крајот на XV век.

Сите овие споменати и неспоменати фреско-икони покажуваат дека фреско-сликарството било неразделно сврзано со штафелајното сликарство и дека иконите работени со темпера на дрвена подлога претставуваат продукт на исти зографи и иконописни работилници, но има случаи кога некои творци се поцврсто поврзани со изработка на икони на дрвена подлога, што би можело да се смета како потесна специјализација во рамките на сликарството. Гледани посебно, кај нивните дела се забележува тенденција за попрецизно моделирање, што го бара штафелајното сликарство.

Следењето на развојот на средновековниот иконопис во Македонија, посебно на иконите работени со темперни бои врз дрвена подлога, го овозможуваат еден број икони настанати во XI век. Тргнувајќи од тие, засега најстари икони, врз осноса на времето на настанување, разликуваме четири основни групи:

  • икони настанати од периодот кога Македонија се наоѓа под власта на Ромејската држава, до потпаѓање на земјата под власта на српската средновековна држава.;
  • икони настанати во периодот кога Македонија се наоѓа под власта на српските средновековни владетели;
  • икони настанати во периодот на ропството под османлиските Турци, до крајот на XVII век, и
  • икони настанати во периодот на преродбата од XVIII век до пропаста на Турското царство во 1912 година.

Ваквата систематизација на иконите ја бара досега откриениот материјал. Во овој труд ги опфаќаме иконите до првите три групи, односно од досега најстарите познати икони до крајот на XVII век.

Gore

 

<< Претходна - Следна >>

Иконите во Македонија

15.09.1998