ИСТОРИЈАТ
| ПЕРИОДОТ НА СКЛАВИНИИТЕ И ДВИЖЕЊЕТО НА БОГОМИЛИТЕ |
Познато е дека уште во втората половина на VI, а во поголема мера од VII век, на територијата на Балканскиот Полуостров доаѓа до многу значајни економски и политички промени. Со населувањето на се поголеми словенски маси, речиси наполно бил истиснат или обессилен ромејскиот економски поредок, а со тоа и ромејската власт и управа. Еден дел од старото население ја напушта внатрешноста на земјата, барајќи прибежиште во приморските градови или населби, или навлегува подлабоко во тешко пристапните планински предели. Веќе повеќепати испробаниот ромејски метод кога се работело за помали групации номадски племиња, преку наметнатиот економски систем и управа, а со помошта на верското и културното влијание да ги смири, а потоа и асимилира експанзивните дојденци, во овој случај не можел да даде поголеми резултати. Главната причина, несомнено треба да ја бараме во Склавиниите - новоосновани словенски кнежевства во Македонија, во нивниот внатрешен верски, културен и уметнички живот. Со цел подобро да ја илустрираме новонастанатата положба, која според наше мислење, има пресудно значење за осознавањето на недостигот на фреско и штафелајно сликарство, ше наведеме податоци што ни ги дава студијата на проф. Георгие Острогорски. “Поимот Склавинија, дури од неодамна стана јасно, бил централен поим во историјата на тогашниот Балкан. Тој најдобро ја карактеризира положбата на Балканскиот Полуостров од VII до IX век. Склавиниите се области што им припаднале на Словените и кои, всушност, се наоѓале надвор од дофатот на ромејската власт, но се уште немале своја државна организација. Балканскиот Полуостров, за Ромејската држава всушност бил загубен; меѓутоа, функцијата на ромејскиот суверенитет на Балканот можела и натаму да се одржува преку формално одржување на ромејскиот суверенитет над фактички изгубениот Балкан; сепак, таа не ги одразува вистинските состојби. Ако сакаме да си создадеме слика за реалните односи на тогашниот Балкан, нужно е да утврдиме дали овде постоела не само формална, туку и вистинска ромејска власт, дали овде функционирала ромејската управа. А тоа не е тешко да се утврди: каде и да постои во средниот век ромејската управа, постои и тематска организација, таму каде што нема тема, нема ни вистинска ромејска власт.” “Очигледно, пишува понатаму Острогорски, со оглед дека ромејската власт на Балканот била дезорганизирана со упаѓањето на словенските племиња, организирањето теми на Балканот почнало многу подоцна и многу бавно напредувало.” Во понатамошниот текст, Острогорски наведува: “дури во последните години на VIII век била основана тема Македонија, која немала многу заедничко со Македонија ниту во античка, ниту во современа смисла. Ромејската тема Македонија го опфаќала западниот дел на Тракија. Нејзиното седиште било во Едрене. Називот Македонија поминал на западна Тракоја токму затоа што Македонија била загубена и се наоѓала во рацете на Словените, составувајќи конгломерат на Склавинии.” Во својата “Историја на војните”, еден од најпознатите ромејски писатели-историчари Прокопиј Кесариски, современик на ромејскиот император Јустинијан (527-565) меѓу другото, зборува за верувањата на Словените: “Веруваат, вели Кесарски, во постоењето на еден Бог, создател на молњата, кој е единствен господар на се и нему му посветуваат волови и други жртвени животни.” “Вистина, почитуваат и реки и нимфи и некои други божества, и на сите им принесуваат жртви и гатаат по тие жртви.” “Имаат свој јазик, кој е наполно варварски.” Сето ова покажува дека Словените, цврсто поврзани со своите Склавинии, воделе прилично изолиран, свој начин на живеење, кој по многу што бил ист како и во нивната стара татковина. Паганските обичаи, јазикот, полуномадскиот начин на живеење, овозможувале подолго време да бидат во поголема или во помала мера надвор од досегот на директно ромејско влијание, особено на полето на уметничките занаети и ликовната уметност. Поради сосема разбирливи причини, мошне тешко се одвивало влијанието околу прифаќањето на фреско и штафелајното сликарство, кое било главно сврзано со христијанскиот култ. Затоа не треба да се изедначува територијата на Македонија, на која најдолго се одржала организацијата на самостојните словенски кнежевства со некои други територии на Балканот, посебно за периодот на VII и VIII век. Во IX век, по долготрајните кризи, Ромејското царство почнува постепено да се созема. Во процесот на изградбата на тематската организација на Балканот, како што наведува проф. Г. Острогорски, “видлив е процесот на ромејската реокупација на определени области од Балканот”. Тоа е остварено најмногу со организацијата на тематската управа на територијата на Солун и Дирахиј, две мошне значајни упоришта на Ромејското царство на Егејско и Јадранско Море. Со тоа завршува и епохата на Склавиниите, под чијшто знак била историјата на Балканот од VII до средината на IX век. Потчинувањето на Склавиниите, како што се наведува во споменатата литература, не поминало без воена акција на ромејската војска. Исто така, потчинувањето на македонските склавинии од страна на бугарската држава во овој период не поминало без вооружена присила и вооружена борба на Македонските Словени против поробувачите. Подоцна, Словените од Македонија, како и Бугарите, под чијашто власт едно време се наоѓале, во однос на другите словенски народи на Балканот, постепено потпаѓаат под најдиректно влијание на ромејската култура. Примајќи ја христијанската религија и нејзините обреди, тие го примаат и религиозното сликарство, освојувајќи ја и технологијата на неговата изработка, како и изработката на другите богослужбени предмети. На тој начин, стануваат врска и главна алка меѓу богатата ромејска култура и другите словенски народи. Од овој ран период на теренот на Македонија имаме различни значајни остатоци од материјалната култура. Досега не се откриени, единствено икони, работени на дрвена подлога. Според наше мислење, а врз основа на досега изложеново, не би ни требао да се очекува нивно откривање, зашто станува јасно дека со населувањето на Словените престанала нивната помасовна изработка, или таа била сведена на многу мал број сврзан со нарачките на крајно проретченето старохристијанско население, кое одвај успеало да одржи во функција некоја од порано изградените цркви. Во Македонија, до денес, не е откриена, исто така, икона која врз основа на натпис или по пат на стилска анализа би можела да се поврзе со времето на активноста на Кирило-Методиевските ученици, Климент Охридски и Св. Наум, односно, со IX и првата половина на X век, иако може со поголема сигурност да се смета дека по 843 година, по воспоставувањето на култот на иконите, нивниот број почнал рапидно да расте. Икони морало да има во Охрид, кој кон крајот на IX век станал еден од најзначајните центри на словенската култура во овој дел од Балканскиот Полуостров. Триесетгодишната културно-просветна, верска и друга активност на Св. Климент во овој град оставила длабоки траги. Неговиот манастир посветен на Св. Пантелејмон, заштитник на здравјето, бил средиште на таа многукратна активност. Би можело со сигурност да се каже дека Св. Климент и Св. Наум, при изградбата на своите манастирски цркви, покрај живописот на ѕидовите со фрески, не би можело да пропуштат да не ги украсат и со икони. Секако, тие биле во можност за таа цел да побараат вешти мајстори, веќе пошироко афирмирани. Имајќи ги предвид познатите културно-просветни настојувања на Св. Климент Охридски и Св. Наум околу подготовката на свои, словенски ученици, на кои нема да им бидат туѓи словенската писменост и словенскиот јазик на кој се врши богослужбата, се преведуваат светите книги и се испишуваат текстови што ги толкуваат насликаните компзоции во црквите и на иконите. Може да се претпостави дека биле барани и секако форсирани домашни мајстори-живописци и иконописци, кои припаѓале на словенската средина и кои можеле да бидат школувани и оформени како сликари во сликарските работилници на Солун, Охрид или Костур, или пак во некој од другите помали центри на територијата на тогашна Македонија. Сепак, треба да се подвлечат големите можности што ги имал градот Солун, по Цариград втор по големина и значење духовен, културен и уметнички центар, родното место на словенските просветители Кирил и Методиј. Но, што се случило со тие икони? Каде се и кога исчезнале? Дали би можело нивното исчезнување да се толкува со развојот на настаните што се сврзани со појавата на Богомилите? Кажувањата на презвитерот Козма, во неговата “Беседа против Богомилите”, напишана кон средината на X век, како да дава некои индикации и го потхранува сомневањето дека токму Богомилите се причина за исчезнувањето на иконите. Зашто, презвитерот Козма вели: “Демоните се плашат од лицето Господово насликано на плоча, а еретиците не ги почитуваат иконите, наречувајќи ги идоли.” Борбата на Богомилите против иконите може да се смета како последен посериозен атак врз иконите, по кој ќе настапи едно сосема друго време, во кое иконописот ќе зазема се позначајно место во новоизградените цркви и манастири во Македонија. Овде би требало посебно да се нагласи времето кога било создадено Самоиловото македонско царство, а со него и основањето на Охридско-преспанската патријаршија, кога на островот Св. Ахилиј, на Мала Преспа, била изградена и големата трикорабна базилика Св. Ахилиј Лариски. Правилното толкување на изворите, особено исправките и дополнувањата на хрониката од ромејскиот хроничар Скилица (втората половина на XI век), извршени од деволскиот епископ Михаило (почеток на XII век), сведочат за тоа дека во тешките и судбоносни времиња на Самоиловото царство сепак имало многу значајни потфати на планот на градежништвото, култното градежништво и поврзаното со него фреско и штафелајно сликарство. Поразот на Самоиловата војска и пропаста на неговото царство (1014-1018 г.) ќе доведат до сведување на Охридско-преспанската патријаршија на понизок степен - архиепископија, и до поставување на Јован на охридскиот архиепископски престол (1018-1037 г.), кој дотогаш бил игумен на еден словенски манастир што се наоѓал во долината на реката Радика. Според наше мислење, може да се работи за локалитетот каде што се откриени темелите на една манастирска црква посветена на Богородица, кај с. Ростуше. По Јована, “најблагородниот монах” како што во својата грамота го наречува ромејскиот цар Василиј II, кој бил Словен по потекло, на престолот на Охридската Архиепископија се поставувани Грци. Прв меѓу нив бил Лав (1037-1056), еден од најистакнатите филозофи на своето време, познат теолог и полемичар, еден од инспираторите за дефинитивниот црковен расцеп меѓу Цариград и Рим (1054). Во литературата што е сврзана со прашањето околу врмето на подигање катедралната црква Св. Софија во Охрид, изградбата долго време му се припишувала на архиепископот Лав. Меѓутоа, во последно време, постојат и други мислења, кои за времето на Лав се готови да го врзат само живописувањето на оваа црква. Несомнено, во негово време бил изграден големиот камен иконостас што го затвора целиот преден дел на олтарот. Дали уште при архиепископот Лав, како негова нарачка, за иконостасот биле изработени икони на дрвена подлога (или од некој друг материјал), не е познато. Просторот на интерколумните можел да биде затворен со пердиња на кои можеле да бидат, исто така, насликани некои светители. Но ако интерколумните се затворале со пердиња што можеле да бидат или да не бидат насликани, икони на дрвена подлога можело да бидат поставени на архитравната греда, над иконостасот, каде што во овој период, некои икони почнале да си го наоѓаат своето место.
|
|
| Иконите во Македонија |
| 15.09.1998 |