Концепти

Зајакнување и мобилизација на граѓаните

Општина по мерка на граѓаните

Интеграција на Ромите

Проекти и програми кои се спроведуваат во рамки на концептите

Форуми во заедницата

Пристап до правда во Македонија

Регионална програма за поддршка на истражувања

Проект на УСАИД за граѓанско општество

Хуманитарна и правна помош за мигрантите

Граѓанско учество за локална демократија

Заедничка рамка за правно зајакнување

Мобилизација на локални организации и активизам во заедницата | 2017

Граѓанска акција за итни реформски приоритети | 2017

Инклузивни и транспарентни образовни политики | 2017

Проект на УСАИД за граѓанско учество | 2017

Граѓанска алијанса за транспарентност | 2017

Области

Слобода на изразување

Младинска ангажираност за општествени промени

Унапредување на човековите права во здравството

Мониторинг и документирање на човековите права

Борба против корупција

Буџетска транспарентност

Младински активизам | 2017

Здравствени политики базирани на човековите права | 2017

Програми

Образование

Информации

Медиуми

Правна програма

Јавно здравство

Програма за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа

Исток-Исток: Прекугранични партнерства

Граѓанско општество

Регионална програма за поддршка на истражувања

Општо

Форуми во заедницата

Ние одлучуваме

поврзани конкурси

нема поврзани конкурси

поврзани публикации

нема поврзани публикации

Општо
пронајди

РЕПУБЛИКАНСКАТА ПАРТИЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА НА НАПАДОТ ВРЗ СОРОС ПОТТИКНАТ ОД РУСИЈА

Како руската пропаганда во земјите на Балканот го најде својот патот до Конгресот

Група републикански конгресмени ги здружија силите со политичари од Источна Европа поддржани од Русија околу заедничката цел да го запрат взаемниот непријател, т.е. милијардерот и финансиерот Џорџ Сорос. 

Предводени од Крис Смит, конгресмен од Њу Џерси, и Мајк Ли, сенатор од Јута, конзервативните законодавци се приклучија на серијата писма во кои се обвинува дека Сорос го користи своето филантропско финансирање за да ги преслика сопствените либерални ставови врз европската политика. Како што напишаа Ли и другите сенатори во писмото од 14 март испратено до државниот секретар Рекс Тилерсон, соросовите фондации отворено општество се обидуваат „да протуркаат прогресивна агенда и да ја оживеат политичката левица“.

Ваквото обвинување го поддржа и го предводи Москва.

Сорос, кој ја преживеал нацистичката окупација во неговата родна Унгарија и избегал по Втората светска војна кога таа паднала под контрола на Советскиот сојуз, веќе долго време се наоѓа на „црната листа“ на Кремлин, каде неговото финансирање на граѓански групи во поранешните држави-сателити на Советскиот сојуз се перципира како дел од заговор за инсталирање про-западни влади. 
Долги години, ваквите поплаки генерално немале никаков одѕив во Вашингтон.
Иако Републиканците веќе долго време го сметаат Сорос за смртен непријател кога станува збор за домашната политика (за која тој потрошил десетици милиони долари во поддршка на демократски кандидати и либерални каузи), нивните политики на меѓународен план се по воедначени. Заложбите на Сорос за унапредување на демократијата и за искоренување на корупцијата во поранешните држави од Источниот блок се поклопуваа со традиционалните цели на Републиканската партија во однос на надворешната политика.

Сепак, работите можеби почнаа да се менуваат по неочекуваната победа на Трамп во претседателската кампања, за време на која тој ги нагласуваше националистичките теми. Политичарите со националистичко гласачко тело од неколку поранешни држави од Источниот блок стануваат сè поагресивни во барањето меѓународна поддршка за нивната крстоносна војна против Сорос и се чини дека најдоа барем еден поддржувач во Републиканската партија.

Писмата од Ли, Смит и нивните колеги конкретно се фокусираат на трошењето на соросовите фондации во Македонија, поранешна социјалистичка република која е во агонија веќе две години поради политичката криза, и во помала мера во нејзиниот западен сосед, Албанија. Во поранешната комунистичка земја, која се бори со наводи за корупција, во едно писмо се истакнува загриженост дека „организациите поддржани од Сорос“ туркаат реформи „кои имаат за цел да му дадат целосна контрола врз судството на Премиерот и на левичарската влада“.

Писмата со кои од Стејт Департментот и од Канцеларијата за отчетност на власта се бараат информации за американската странска финансиска помош за групите на Сорос во земјите на Балканот доаѓаат по лобирањето на десничарската партија која грчевито се држи за власта во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ.

Крис Стоун, претседател на Фондациите Отворено општество, сугерира дека автократските режими го сметаат подемот на Трамп како „џокер карта“ за нивниот отпор кон реформи и за да ги дискредитираат оние кои ги предлагаат.

„Автократите, кои денес се претставуваат како ‘либерали’, долго време им се спротивставуваат на Џорџ Сорос и на визијата за отворено општество, а сега, со победата на Трамп, тие се охрабрени да одат подалеку“, изјави Стоун за ПОЛИТИКО.

Досега, републиканското лобирање против заложбите на Сорос во Македонија не даваше конкретни резултати. Сепак, вклученоста на неколку високо профилирани Републиканци, вклучително и сенаторот од Тексас, Тед Круз, предизвикува негодување во американската надворешно-политичка заедница, која тоа го смета за злобно влијание на Москва што се пробива кон Капитол Хил.

Русија се обидува да ја искористи кризата во Македонија за да внесе недоверба во САД и да ја вовлече десничарската партија во својата орбита, велат регионалните аналитичари. Во исто време, загриженоста на републиканските законодавци дека САД, според зборовите на Ли во неговото писмо до Тилерсон, „поттикнува политички немири, без да ја почитува сувереноста на државата и граѓанското општество“, ѝ дава на Москва голема пропагандистичка предност – предупредуваат тие.

Руските вебсајтови на англиски јазик кои се контролирани од државата побрзаа да ги разгласат писмата на Ли и на Смит, претставувајќи ги како доказ дека САД е виновна токму за она за што таа ја обвинуваше Русија во 2016 година, т.е. дека се меша во политиката на друга земја.

„Сенаторите побараа од Тилерсон да го истражи ‘поттикнувањето немири’ од страна на САД во други земји“, пишува порталот РТ (Русија денес).

Порталот Спутник њуз, пак, извести за писмото на Ли со наслов „Се сменија местата: Дали Обама и Сорос хакираат странски избори?“

Барањата одекнаа во сите десничарски медиуми во САД, од вебсајтот склон кон теории на заговор Инфоворс до Фокс њуз.

„Тоа доаѓа директно од руската книга за правила на играта – идејата дека одредени американски невладини организации ги поттикнуваат демонстрациите е исто како на ЦИА да ѝ припишувате мистична моќ која не постои“, вели еден политички аналитичар кој добро ги познава состојбите на Балканот. „Русите ги користат сите тактики што им се на располагање и тоа претставува прилично евтин начин за мешање на лончињата“.

Македонските политичари и здружената група позната како „Стоп Операција Сорос“ негира каква било директна улога на Русија во нивните заложби. Но, тие признаваат дека Москва покажува интерес за развојот на настаните. Еден од основачите на „Стоп Операција Сорос“, Цветин Чилиманов, забележал виртуелна армија на провокатори и сеирџии кои постираат за масовните протести против Сорос, кои никогаш не се случиле. 
„Не сум наивен“, вели Чилиманов во неколкуте интервјуа дадени за РТ и Спутник њуз. „Разбирам дека тие би биле среќни да го искористат тоа “.

Македонија, мала и етнички мешана поранешна социјалистичка република која се одвои од Југославија во 1991 година, прерасна во нов фронт за геостратегиски пресметки во Конгресот кога еден парламентарец од владејачката ВМРО-ДПМНЕ со име Владимир Ѓорчев го информирал Смит за проблемот со Сорос, според кажувањата на портпаролот на партијата, Александар Николовски. Ѓорчев и Смит се познаваат од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која претставува регионален форум за безбедност, и станале блиски поради нивната посветеност на традиционалните вредности, како што се спротивставувањето на истополовите бракови и абортусот. Ѓорчев редовно се состанува со Смит кога е во посета на Вашингтон, а тоа го направил веќе трипати во 2017 година.

Смит отворено ги критикуваше заложбите за меѓународен развој на администрацијата на Обама, кого го обвини за ширење либерална идеологија. Случајот што Ѓорчев го претставил против Сорос наидува на одобрување кај Републиканците кои, пак, овој мега донатор го сметаат за плашило, а некои од нив неодамна го обвинија, без докази, за финансирање на протестите против Трамп.

„Целата приказна дека ‘Џорџ Сорос е изворот на злото’ е мошне привлечна за некои луѓе“, рече еден помошник на поранешен републикански сенатор.

На 17 јануари, Смит и пет други Републиканци испратија писмо до американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, обвинувајќи го за фаворизирање на левичарската партија. Незадоволни од одговорот на Стејт Департментот од 6 февруари, на 24 февруари законодавците побараа од Канцеларијата за отчетност на власта да го истражи финансирањето од УСАИД за Фондацијата Отворено општество на Сорос. Тие велат дека УСАИД финансира „прогресивна агенда“ во земјите на Балканот преку фондацијата на Сорос и го обвинуваат амбасадорот за „активно мешање во партиската политика на Македонија... и за фаворизирање на левичарските политички групи пред другите“.

Се чини дека овие поплаки се извлечени од документ подготвен од страна на „Стоп Операција Сорос“, кој бил дистрибуиран до членовите на Конгресот, вклучително и до сенаторот Ли, во јануари годинава. Досието, распослано на 38 страници, содржи бројни неубедливи тврдења, вклучително и тоа дека УСАИД и Сорос имале за цел да воспостават “целосна контрола врз медиумите... а дека нивната крајна цел било воспоставување целосна контрола во државата за лична корист на Сорос [цитат] и за спроведување радикални политики“.

Кабинетот на Смит не одговори на нашите барања за коментар, но тој ги прошири своите грижи во неодамнешното интервју со Тони Перкинс од Советот за семејни истражувања, христијанска конзервативна лоби група. „Ние не треба да заземаме страна“, рече Смит. “Стејт Департментот треба да направи ревизија одгоре надолу, за да се осигури дека не постои ваков вид агресивна партизација“.

Стејт Департментот негира какво било фаворизирање. Бејли, кариерен дипломат во службата за надворешни работи, рече дека неговата улога во земјата, која подразбирала помош во изнаоѓање решение за политичката криза во Македонија, не била ниту невообичаена, ниту пристрасна.

„Ние бевме поканети и поздравени од партиите [за да ги олеснуваме преговорите]“, изјави Бејли во едно интервју за ПОЛИТИКО. „Политичките кризи обично се решаваат со значителна вклученост на Европа и на Соединетите Американски Држави“.

Според Стејт Департментот, во последните 15 години УСАИД обезбедила само три грантови за Фондацијата Отворено општество – Македонија, примарно за образовни иницијативи кои се однесуваат на вклучување во образованието на етничкото ромско население во земјата. „Финансирањето на Проектот за граѓанско општество на Фондацијата Отворено општество – Македонија претставува само 8 проценти од нашата севкупна помош во последните пет години“, изјави Директорот на УСАИД во Македонија, Џим Стајн. „Во тој документ, работите се преувеличени и извитоперени.“

Во писмото на Стејт Департментот од 9 февруари упатено до Ли се возвраќа на ваквите обвинувања со повеќе детали, при што се брани посредувањето од страна на ЕУ и САД и се искажува голема загриженост за влошената политичка клима во Македонија.

Од друга страна, од Фондацијата Отворено општество велат дека тие работат со независни организации кои поддржуваат „добро владеење, човекови права и отчетност“ во Македонија уште од почетокот на 1990-те години и дека биле партнер на американската влада во администрирањето грантови до овие групи под водство на претседатели од обете партии во САД.

Овој спор доаѓа во време на продлабочена политичка криза во Македонија, по објавувањето на прислушуваните телефонски разговори кои покажаа дека владини функционери ги злоупотребувале своите овластувања и дека незаконски биле прислушувани новинари и политички опоненти на власта. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се повлече од функцијата премиер на државата минатиот јануари под притисок од САД и од Европската Унија, но неговата партија останува најголемата група во Парламентот. Во декември, Груевски го обвини Сорос за тогашните немири и повика на процес на „де-Соросоизација“.

Официјално, ВМРО-ДПМНЕ е про-западно ориентирана партија, но Груевски ја прифати поддршката од Русија како одговор на она што тој го перципира како заземање страна со левичарската опозиција од страна на американската амбасада. На 1 февруари, тој се сретна со рускиот амбасадор во Македонија, кој алудираше на неименувани сили што „шират нестабилност и несигурност во земјата“ – што веројатно се однесува на Сорос. Еден ден подоцна, руското министерство за надворешни работи објави соопштение во кое се предупредува на „континуирано странско влијание во Македонија, затскриено зад псевдо-демократски слогани“ и даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Неодамна, Русија го зголеми бројот на персоналот во нејзината амбасада во Македонија.

„Стратегијата на Груевски е да ја придобие Русија на своја страна, сфаќајќи дека Американците ќе бидат на страната на Социјалдемократите“, рече Даниел Сервер, експерт за регионот од Школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“. „Тој вели ние не сме русофили, но она што тој го прави е барање поддршка секаде каде што може да ја добие“.

„Тоа е еден вид поширока индикација за напад врз тинк-тенковите, непрофитните организации и граѓанското општество во Македонија“, изјави Сара Беденбау, помошник директор за Европска Унија и специјални иницијативи при Атлантскиот совет.

По примерот на Груевски, Чилиманов и уште две десничарски медиумски лица ја формираа „Стоп Операција Сорос“ во јануари, која доби голем простор во руските медиуми. Чилиманов бил член на ВМРО-ДПМНЕ до 1999 година, кога станал новинар. Одредено време тој работел како известувач од Вашингтон, а денес е уредник на вестите на англиски јазик во Македонската информативна агенција, која е контролирана од страна на државата.

Чилиманов рече дека групата, која тој ја опиша како нискобуџетна операција без значителни трошоци и без финансирање однадвор, нема никакви врски или координација со ВМРО-ДПМНЕ. „Јас веќе долго време зборувам за ова, но веројатно сега е добар момент и во САД за луѓето да се ангажираат [на овој план]“, рече тој.

Во исто време кога Чилиманов го испрати неговото досие, македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски, беше во посета на Вашингтон по повод инаугурацијата на Трамп и се сретна со сенатори, меѓу кои и со Ли, Круз, како и со Џин Инхоф од Оклахома, кој исто така го потпиша писмото на Ли до Тилерсон. (Чилиманов се сретнал и со Џон Мекејн, кој не го потпишал писмото).

Портпаролот на Ли изјави дека во средината на јануари тој испратил писмо до Бејли, а во март го испратил писмото до Тилерсон врз основа на „лични брифинзи од македонските лидери“ и информации што ги добил од „Стоп Операција Сорос“. Тој одби да каже кој го напишал писмото. Кабинетите на другите сенатори нè упатија прашањата да ги поставиме до Ли.

Освен писмата од конгресмените, во февруари, конзервативната активистичка група Џудишал Воч побарала документи во согласност со Законот за слободен пристап до информации во врска со американското финансирање на активностите на Сорос во Македонија, цитирајќи „извори на високо ниво од Македонија и од САД“. Претседателот на оваа организација, Том Фитон, одби да одговори кој му го предочил овој проблем.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски одрече какви било надворешни заложби за искористување на политичката криза во Македонија. „Ние имаме проблем со една фондација и со една личност и не е добро што тоа се злоупотребува во стратешките игри што ги прави Русија или некој друг“, рече тој.

Сепак, анти-Сорос движењето веќе се прошири надвор од Македонија. Во своето телевизиско обраќање до нацијата во февруари, Виктор Орбан, про-руски екстремно десничарки лидер на Унгарија, го обвини Сорос за наводно мешање во домашната политика на неговата земја. „Големи пирани пливаат во водите овде. Тоа е прекуграничната империја на Џорџ Сорос, со тони пари и меѓународна тешка артилерија“, рече Орбан. „Таа предизвикува проблеми... тајно и со странски пари, тие се обидуваат да влијаат врз унгарската политика“.

Минатиот викенд, екстремно десничарските лидери се собраа во Будимпешта за да го лансираат нивниот огранок на „Стоп Операција Сорос“.

На настанот присуствуваа Ник Грифин, поранешниот лидер на Британската национална партија, кој рече дека сега „на ред е Русија“ да го води светот; како и десничарската религиозна група Витези Темплари Интернационал, македонскиот новинар Љупчо Златев и неколку унгарски политичари од екстремната десница која е наклонета кон Русија.

Еден од нив, Имре Тегласи, лидер на Алфа Алијансата која е против абортус, во своето обраќање го забележа присуството на руска екипа сниматели и го пофали режимот на Владимир Путин.

„Драги пријатели, сакам да изразам почит за Русија“, рече тој. „Господ да ја чува Русија, која се врати на своите национални и традиционални корени. Господ да ги чува Соединетите Американски Држави, кои под водство на претседателот Трамп може да се вратат на нивните оригинални, богољубиви американски вредности“.

Лили Бајер од Будимпешта даде свој придонес за овој извештај.

Од ИСАК АРНСДОРФ, ЕНДРУ ХАНА и КЕНЕТ П. ВОГЕЛ | 22 март 2017 год.

Извор: GOP Takes Up Russia-Aligned Attack On Soros | politico.com

поврзани новости

нема поврзани новости