Програми Образование
Целите на Програмата за образование се:
- Да обезбеди квалитетни образовни програми кои ќе промовираат отворен и рамноправен пристап за сите, посебно за маргинализираните групи.
- Да понуди континуиран развој на знаења, компетенции и вештини на наставниците, децата и младите неопходни за развој на демократски и отворени општества
- Да се вклучи во креирањето политики, застапувањето и лобирањето, и во зајакнувањето на јавните институции за да донесуваат информирани одлуки и да се справат со барањата што ги налага образовната реформа.
Програма за образование на Роми
Во учебната 2009/2010 година Програмата за образование на Роми влезе во својата шеста и последна година од спроведувањето. Програмата е финансирана од УСАИД и од ФИООМ. Главната цел на програмата е да ги подобри стапката на задржување и проодност, како и успехот на опфатените деца и млади. Таа се спроведува преку позитивни интервенции на сите образовни нивоа: предучилишно, основно, средно и високо образование.
Околу 200 деца на предучилишна возраст се корисници на активностите на Ромските образовни центри лоцирани во пет ромски населби (Дендо вас во Даме Груев, Скопје; Сончогледи во Кланица, Скопје; Врама си во Лозја, Куманово, Кхам во Средорек, Куманово и Помош за хендикепираните и сиромашните во Тризла, Прилеп). Фокусирајќи се на основите од математика и од македонски јазик, како и на развивање на социјалните и когнитивните вештини, овие центри ги подготвуваат децата за успешен почеток на основното образование.
Ромските образовни центри секојдневно обезбедуваат образовна вон-училишна поддршка за околу 900 основци од пет основни училишта вклучени во проектот во пишување домашни задачи и туторство по различни предмети.
Вкупно 98 средношколци Роми од четврта година од 40 средни училишта низ земјава добиваат стипендии, курсеви за англиски јазик и менторска помош во училиште за подобра подготвка за матурските испити и за успешно завршување на нивното четиригодишно средно образование.
Триесет и пет студенти Роми во различни академски години и студиски програми добиваат стипендии и туторска помош од помлади универзитетски професори, колеги-студенти и професионалци. Студентите имаат можност да учествуваат на различни обуки, а на располагање имаат библиотека и Интернет.
Буџет: 280.000 ЕУР
Проект за образование на Роми – Детска Фондација Песталоци
Проектот за образование на Роми, поддржан од Детската Фондација Песталоци, овозможува директна поддршка на ученици Роми од погорните одделенија од 7 основни училишта во Скопје, Куманово и Прилеп. Како партнери на ФИООМ во овој проект остануваат трите организации кои раководат со Ромски образовни центри: „Дендо вас” од Скопје, „Врама Си” од Куманово и „Романо про англе” од Прилеп.
Проектните партнери исто така работат на промовирање на интеркултурното образование, идентификување на бариерите за реализација на правото на образование и лобирање до надлежните институции.
Буџет: 119.495 ЕУР
Политиките на ЕУ и македонското образование
Целта на овој проект е да влијае на образовните политики, образовните власти и институции и да придонесе за донесување информирани одлуки кои се водени од принципите на ефективност и транспарентност, a се потпираат на еднаквост, рамноправност и на квалитет во образованието.
ФИООМ ќе ги следи одблиску тековните промени во образованието и ќе се занимава со застапување согласно целта на проектот. Во соработка со НВО Метаморфозис, ФИООМ на крајот на 2009г. отпочна две истражувања за присуството и ефективното користење на ИКТ и е-содржините во образованието. Тие ќе бидат комплетирани и презентирани во 2010г. Преку студии, анализи и прегледи, ФИООМ во 2010г. ќе продолжи да адресира различни прашања за образовни мерки и политики од различни образовни нивоа, како и да го следи и оценува напредокот и влијанието на образовната реформа.
Проектот ќе се спроведува во соработка со осамостоените програми на ФИООМ и други НВОи активни во областа на образованието.
Буџет: 35.000 ЕУР
Образование на сиромашни
Проектот Образование на сиромашни е финансиран од страна на Соросовиот ургентен фонд наменет за намалување на последиците од глобалната економска криза. Оправданоста на проектните интервенции се состои во намалување на приватните трошоци на домаќинствата со цел да се промовира и поддржи принципот на еднаквост во образованието како една од основните вредности на отвореното општество. Со проектот е предвидено да се донира помошен училишен прибор (тетратки, моливи, пенкала, боички и др.) на учениците од основните училишта кои живеат во сиромашни семејства. Интервенциите се насочени кон тоа да се овозможи пристап и да се обезбеди континуитет на учениците во основното образование како предуслов за нивно напредување кон наредните одделенија. Проектот е предвиден да се имплементира во текот на две учебни години (2009/2010 и 2010/2011).
На почетокот на учебната 2009/2010 година повеќе од 20000 основнци аплицираа за донација во вид на училишен материјал со што уште еднаш се потврди дека домаќинствата во Макеоднија се наоѓаат на работ на егзистенцијата и се соочуваат со многу потешкотии при школувањето на своите деца.
Вкупно 19714 ученици од 309 основни училишта добија донација во вид на помошен училишен прибор за првото полугодие од учебната 2009/2010 година. Овие ученици ќе добијат донација и во текот на второто полугодие на учебната година.
Новиот циклус на проектот е предвиден да започне кон средината на август 2010 година кога повторно ќе се собираат податоци за можни приматели на донацијата за следната учебна година (2010/2011).
Буџет: 615.000 ЕУР
|