Настани и новости > Архива 2012 |Културното наследство им припаѓа на граѓаните На 16-ти мај, 2012 г. во просториите на ГЕМ клубот беше одржана проекција на документарниот филм „Зачувување на светото културно наследство на Република Македонија“ во продукција на Фондацијата „Македонида“. Во триесет минутниот филм, прикажана е состојбата на неколку сакрални објекти од историско значење, како и зафатите околу нивната заштита и конзервација.
Главен впечаток од прикажаното во документарниот филм, е немањето на стратегија од страна на Управата за заштита на културното наследство, како што е случајот за црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, за чија конзервација преку Советот на Европа се добиени значителни средства, но сè уште не е започната интервенција врз црквата. Од друга страна пак, случајот со Мустафа-пашината џамија во Скопје, ја потенцира потребата од квалитетни конзерваторски проекти. Имено, со последните зафати во Мустафа-пашината џамија, извршени се радикални промени, со што се изгубени ретки декоративни елементи, по кои оваа џамија се издвојувала не само од џамиите на територија на денешна Македонија, туку и од џамиите ширум Балканот.
Говорејќи за грижата за културното наследство, сценаристот и продуцентот на филмот, проф. д-р Панче Велков потенцираше дека конзервацијата на сакралните објекти во последно време е доверена на луѓе кои немаат искуство во заштитата на културното наследство, и наместо тоа целиот процес на конзервација треба да им се довери на реномирани домашни и странски конзерватори.
По проекцијата, следуваше дебата на која учество зедоа реномирани лица со долгогодишни искуства од проблематиката, а чиј заеднички став беше дека јавноста мора подобро да се запознае со запоставените сакрални објекти, кои освен што се важни за националното културно наследство исто така имаат и потенцијал да ја промовираат нашата земја во светот. Домаќинот на промоцијата, извршниот директор на Фондацијата отворено општество - Македонија, Владимир Милчин, истакна дека кај државните институции недостига волја за заштита на културното наследство, и истите никако не смеат да се правдаат со недостиг на пари, особено ако се земе предвид на што се се трошат финансиски средства последните години.
#
|
|