Настани и новости
Архива 2004
Архива 2005
Архива 2006
Архива 2007
Архива 2008
Архива 2009
Календар на активности
Програми
За Фондацијата
Конкурси
Публикации
Партнери и донатори (во 2009)
Извештаи
Отворени писма
Линкови
Контакт-информации
Мапа на сајтот
 
 
Фотографии од настани
Event photos
 

 Календар на активности
- Архива на календарот на активности
 
 
 
Metamorphosis, Foundation for sustainable ICT solutions
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
World Summit Award
 
 
 
 
 
 
 
Antikorupcija.org.mk
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 

Настани и новости

ПРОТИВ СЕЕЊЕТО МАГЛА


Во 2009 година ФИООМ потроши 5.008.172 евра добиени од основачот Џорџ Сорос и од Агенцијата за меѓународен развој на САД, Ромскиот образовен фонд, Швајцарската агенција за развој, Холандската амбасада, Европската комисија и Фондацијата Песталоци. И за 2009 година, како што тоа го прави од 1992 година, ФИООМ ќе објави детален финансиски извештај потврден од надворешна ревизија, согласно меѓународните стандарди. Извештајот ќе биде објавен во печатените медиуми и на веб страната www.soros.org.mk. Но, за да се растурат маглите и лагите за тоа кого и што поддржува ФИООМ, го објавуваме овој преглед за 2009 година:

Дополнителна образовна поддршка и училишен прибор за 2500 ученици Роми во 15 основни училишта; 220 стипендии и менторска помош од 100 наставници за средношколци Роми; стипендии за 35 студенти Роми и туторска помош, обуки и семинари за 83 студенти Роми; обуки и кампови за социјална правда и интеркултурно образование за 450 наставници и 350 ученици од 11 средни училишта со мешан етнички состав; 800 млади вклучени во локалните младински иницијативи организирани од Младинскиот образовен форум; 200 студенти од факултетите за драмски уметности од 13 европски земји и преку 3000 посетители на настаните на СКОМРАХИ; 6000 посетители, главно млади, на мултиетничкиот хепенинг Под исто сонце во Струга.

Повеќе >>>
КОНКУРС

за изработка на комуникациски план во рамките на Програмата за медицински стипендии за Роми/компонента медиуми



fioom

Во рамките на Програмата за јавно здравство, во 2010 година фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), започна со реализација на Програма за медицински стипендии за Роми. Програмата содржи 4 компоненти: финансиска поддршка (стипендија), менторство, обука за застапување и медиумска компонента. Финансиската поддршка на програмата ја обезбедуваат Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта и Институтот отворено општество/Програма за ромско здравје, Будимпешта. Партнерска организација за реализација и координација на проектот во Македонија е фондацијата Институт отворено општество Македонија.

Со цел да се промовира Програмата за медицински стипендии за Роми/компонента медиуми, ФИООМ објавува конкурс за организации за креирање и реализирање на комуникациски план. Заинтересираните организации треба да достават предлог проект за комуникациски план чија главна цел е да се информира целната група (средношколци и студенти Роми кои учат/студираат на некој од медицинските училишта/универзитети во РМ).

Предлог проектот за комуникациски план треба да ги содржи следниве компоненти:
• Цел на комуникацискиот план
• Целна група
• Засегнати страни
• Инстументи за промоција
• Ресурси
• Временски период за имплементација (март-јуни 2010)
• Буџет

Секоја организација треба документирано да потврди искуства во односи со јавност и комуникациски вештини со следниве референци:
1. Досега изработени комуникациски проекти
2. Досегашни клиенти за кои биле наменети проектите
3. Листа со кои се покажуваат резултати од активности во односи со јавност

Рокот за поднесување на предлог-проектот е до 12 март 2010.
Организациите кои ќе достават некомплетни предлог проекти без горенаведените компоненти и кои нема да го запазат рокот, нема да бидат разгледувани!

Предлог проектите може да се достават:
• Лично, секој работен ден од 13:00 – 15:00 часот
• По препорачана пошта на адреса: Бул. Јане Сандански 111, Скопје п.фах378 Република Македонија (со назнака за Програма за медицински стипендии за Роми/компонента медиуми)
• На е-маил ajsel.memet@soros.org.mk

Дополнителни информации за програмата и конкурсот за поддршка на проекти може да добиете на е-маил ajsel.memet@soros.org.mk и тел. 02 2 44 44 88 лок.107 секој работен ден (од 13:00 до 15:00 часот)
ПРАВНА ПРОГРАМА

Јавна расправа за Предлог-законот за здруженија на граѓани и фондации



Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) на 3 март 2010 организираше јавна расправа за Предлог-законот за здруженија на граѓани и фондации. На расправата беше презентиран Предлог-законот, како и коментарите кои ФИООМ ги испрати до Министерството за правда, членовите на работната група за изработка на предлог-законот, членовите на Националниот совет за евроинтеграции и членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, во своето воведно излагање потенцираше дека граѓанските здруженија се разочарани од понудениот Предлог-закон и дека не се исполнети очекувањата дека новиот закон ќе биде полиберален од важечкиот. Според него, Владата на Република Македонија си го зема правото на своите граѓани да им дозволи работи кои им се загарантирани со основните начела и принципи на демократијата.

Претставничката на Министерството за правда, Загорка Тноковска, ја презентираше содржината на Предлог-законот. Според неа, дел од промените кои ги нуди предложениот закон во споредба со стариот се однесуваат на регистрацијата на организациите, можноста за основање организации од страна на странци, правни лица и малолетници и прекршочните одредби.

Најголемата промена која ја нуди овој Предлог-закон е воведувањето на статусот „организации од јавен интерес“. Овој статус им се доделува на организации кои работат заради остварување на јавниот интерес и кои за таквото работење можат да добијат поддршка од државата преку разни поволности. Ана Медарска од ФИООМ изрази сомневање во поглед на применливоста на одредбите со кои се уредува статусот од јавен интерес и укажа на потребата за усогласување на даночните и царинските прописи, заради обезбедување вистински поволности за организациите кои ќе се стекнат со ваквиот статус. Контраверзен момент е и телото кое ќе одлучува за тоа кои организации ќе добијат статус на „организации од јавен интерес“. Во Предлог-законот предвидено е решение Владата на Република Македонија да одлучува за давањето на статусот. Неда Коруновска го изрази мислењето дека ваквото решение е нереално бидејќи Владата треба да се занимава со посуштински работи од ова.

Поголемиот дел од претставниците на граѓанскиот сектор сметаат дека понудениот закон не одговара на потребите на невладините организации, но има и такви кои мислат дека Предлог-законот го унапредува веќе постоечкиот Закон.

Предлог-законот за здруженија на граѓани и фондации истиот ден беше разгледуван на седница на Собранието на РМ во прво читањe.

Аудиозапис од конференцијата

Прв дел



Втор дел

НАЈАВА НА ЈАВНАТА РАСПРАВА

Правото на слободно здружување во предлог-законот за здруженија и фондации



Владата на Република Македонија во февруари 2010 година до Собранието достави Предлог-закон за здруженија и фондации. Истиот е ставен на дневен ред на пленарната седница на Собранието на Република Македонија закажана за 01 март 2010 година (понеделник).

Со оглед на потребата за поцелосно запознавање на граѓанските организации со решенијата предвидени во Предлог-законот за здруженија и фондации, а имајќи го предвид значењето што овој Предлог-закон го има за функционирањето на организациите, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) организира јавна расправа на тема „Правото на слободно здружување во Предлог – законот за здруженија и фондации“, која ќе се одржи на 03 март 2010 година, со почеток во 09.45 часот, во хотел Холидеј Ин, во сала „Милениум 1 “.

Во прилог ќе ги најдете нацрт-агендата за настанот, текстот на Предлог-законот доставен до Собранието на Република Македонија, како и коментарите на Предлог-законот, изготвени од страна на ФИООМ и поднесени до Министерството за правда, Националниот совет за евроинтеграции, членовите на работната група за изготвување на Предлог-законот и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во Собранието на Република Македонија.

Агенда (.pdf)

Предлог-закон за здруженија и фондации (.pdf)

Коментари на предлог-законот за здруженија и фондации (.pdf)

ДЕМАНТ


osifosim







Повод: Написот објавен во весникот „Вечер“ бр. 14331 од 25.02.2010 година со наслов „Соросоидите играле прљаво насекаде, па и во Америка“


Во врска со наводите во горенаведениот напис во весникот „Вечер“ канцеларијата на Институтот отворено општество во Њујорк и ФИООМ се обраќаат до македонската јавност со следново соопштение:

Институтот отворено општество веќе не го финансира АКОРН на никаков начин. ИОО го прекина финансирањето пред да се појават известувањата на кои се повикува „Вечер“. Понатаму, многу од таканаречените факти во написот на „Вечер“ не се само спорни туку се и клеветнички. Тврдењата за АКОРН на кои се осврнува написот веќе одамна се отфрлени.

На долунаведениот линк од веб-страницата MediaMatters може да се најдат прецизни информации за случајот АКОРН (ACORN):
http://mediamatters.org/columns/201002170008

Фондацијата Институт отворено општество - Македонија останува посветена на транспарентноста како составен дел на отвореното општество и со овој демант сака да придонесе за веродостојно и квалитетно информирање на македонската јавност.

ЈАВНО ЗДРАВСТВО

Програма за сексуално здравје и права



Успешното спроведување на двата проекта поддржани од ФИООМ во текот на 2009 година, предизвикаа внимание и надвор од границите на Македонија.

Проектите: “Модел за долгорочна правна помош и заштита на правата на сексуалните работници“ спроведен од граѓанската организација ХОПС и “Промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“ спроведен од Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници се опшани како успешни модели на линковите:

http://www.soros.org/initiatives/health/focus/sharp/news/macedonia-sexworkers-video-legalaction-20090901?utm_source=Open+Society+Institute&utm_campaign=1d0cb8ec82-sharp_20100218&utm_medium=email

http://www.soros.org/initiatives/health/focus/sharp/articles_publications/publications/marginalized-communities-report-20091201

ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ

„ЕДНАКВИ ОБРАЗОВНИ МОЖНОСТИ ЗА ДЕЦАТА РОМИ“



obrazovanie romi 1Фондацијата Институт отворено општество-Македонија (ФИООМ), на 24 февруари 2010 година одржа конференција по повод завршувањето на проектот „Еднакви образовни можности за децата Роми“, финансиран од амбасадата на Кралството Холандија. На конференцијата учествуваа претставници на партнерските училшта и невладини организации, претставници на МОН, Амбасадата на Кралството Холандија како и на меѓународните организации активни на полето на образованието.

Амбасадорката на Кралството Холандија, Симоне Филипини во своето обраќање до присутните изрази големо задоволство од постигнатите успеси во проектот. Истовремено го потенцираше значењето на образованието за животот на сите луѓе и додаде дека оваа конференција не треба да биде крај, туку почеток на една системска програма за помагање на образованието на Ромите.

На конференцијата учествуваше и Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, кој изјави дека Министерството за образование и наука ги цени напорите на ФИООМ за интегрирање на Ромите во образовниот процес. Тој нагласи дека Министерството работи во иста насока преку доделување на 650 стипендии за Ромите средношколци. Тодоров најави дека во моментов се подготвува и прирачник за недискриминација во образованието, во кој важно место ќе имаат и Ромите како маргинализирана група.

Со проектот, које се спроведуваше во периодот од 2006 до 2009 година, беа опфатени десет основни училишта низ Македонија и 2600 ученици од ромска националност кои покажуваа послаб успех во учењето.

obrazovanie romi 2На учениците од одделенска настава им беа овозможени дополнителни часови по македонски јазик и математика, а на учениците од предметната настава им се даваше помош по предмети по кои имаа најслаб успех. Сите ученици вклучени во проектот добиваа учебници, училишен прибор и ужинка. На наставниците во училиштата им беа одржани обуки за подобрување на наставните техники и методи. Истовремено, 12 локални невладини организации, како дел од проектот, работеа со родителите на учениците Роми со цел да ги поттикнат родителите поактивно да учествуваат во процесот на школување на нивните деца.

Како резултат на активностите во проектот зголемен е бројот на ученици Роми кои го завршуваат основното образование, а намален е и бројот на откажувања од образование. Забележано е и зголемување на успехот на учениците кои беа опфатени со проектот.

ПРАВНА АНАЛИЗА

Ефикасност во заштитата на човековите права при пречекорување на полициските овластувања во 2009



covekovi pravaВо рамките на Проектот за поддршка на човековите права, денеска, 24 февруари 2010 година, беше промовирана правната анализа за 2009 година „Ефикасност во заштитата на човековите права при пречекорување на полициските овластувања“. Проектот заеднички го имплементираат здруженијата на граѓани “Центар за демократски развој“ од Тетово, “Форум за правата на Ромите –Арка “од Куманово, “Центар за граѓанска иницијатива“од Прилеп, “Избор” од Струмица и Коалиција “Сите за правично судење”, а финански е поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и УНВФВТ – Фондот за жртви од тортура при Организацијата на Обединети нации.

Годишната правна анализа е изготвена врз основа на укажаната бесплатна правна помош на граѓани кои сметаат дека се потенцијални жртви на полициска злоупотреба или тортура. Во периодот од 1 ноември 2008 година до 31 октомври 2009 година, во 42 случаи е побарана бесплатна правна помош од граѓани кои тврделе дека се жртви на полициска злоупотреба и дека нивните права се повредени со пречекорување на полициските овластувања.

Од вкупно пријавените 42 случаи ,во 21 граѓаните се пожалиле на прекумерна употреба на сила,во 5 случаи за малтретирање во вршење на службата,во 2 случаи за навредувачко и понижувачко однесување ,во 6 случаи за незаконско или непрофесионално постапување од страна на полициските службеници,во 4 случаи за непостапување или непреземање на мерки за заштита на животот или имотот на граѓаните,во 2 случаи за незаконско постапување при претрес на дом и лице и во 2 случаи за злоупотреба на службената должност. Од ова произлегува дека во најголем број случаи граѓаните се жалеле за прекумерна употреба на сила, за малтретирање во вршење на службата за навредувачко и понижувачко однесување.

Анализата покажува дека е зголемен бројот на пријавени случаи во споредба со 2008 година (37 случаи), односно за 15,96 отсто. Најголем број поплаки стигнувааат од Македонците, но изминатата година зголемен е бројот на поплаки од страна на Ромите.

Како позитивен тренд е забележано намалување на поплаки од страна на жени и малолетни лица (во 2009 година пријавени се 3 малолетни лица и 5 жени), како и зголемена соработка со Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

Организациите препорачуваат дека е потребно спроведување на ефикасна истрага и санкционирање на полициски службеници кои извршиле полициска злоупотреба или тортура, утврдување на индивидуална одговорност на полициските службеници со цел да се избегне генерализација, итно иницирање на законски измени за воспоставување на посебно одделение за полициска злоупотреба во Јавното обвинителство, како и формирање на независно тело кое ќе ги истражува случаите на наводно пречекорување на полициските овластувања.

ЕФИКАСНОСТ ВО ЗАШТИТАТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ПРИ ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИТЕ ОВЛАСТУВАЊА - Правна анализа за 2009 година (.pdf)

ПРАВНА ПРОГРАМА

Коментари на ФИООМ за Предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација и Предлог – законот за здруженија и фондации



Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) будно ја следи изработката на два битни закони кои ги гарантираат почитувањето на фундаменталните човекови права на граѓаните на Република Македонија и ја детерминираат улогата на граѓанскиот сектор во Република Македонија. Тоа се Предлог - законот за спречување и заштита од дискриминација и Предлог – законот за здруженија и фондации. Во насока на нивно подобрување, ФИООМ, на 18 и 19 февруари 2010 година, испрати коментари на предлог - законите, до соодветните институции.

Новопредложената верзија на Предлог – законот за спречување и заштита од дискриминација, доставена до Собранието на Република Македониаја на 26.01.2010 година задава нови проблеми и дилеми за ефикасноста и сериозноста на системската борба против дискриминацијата во Република Македонија во врска со: (1) утврдувањето на предметот и целта на донесувањето на овој закон; (2) дефинициите на облиците и основите на дискриминација; (3) статусот на Комисијата за заштита од дискриминација; (4) утврдувањето на надлежностите и работењето на Комисијата; (5) некористење на институтот пријателски спогодби; (6) изоставање на социјалниот дијалог како инструмент за борба против дискриминацијата и (7) игнорирање на процесот на едукација и дисеминација поврзани со борбата против дискриминацијата.
Коментарите на овој Предлог-закон, на 18 февруари, беа доставени до Министерството за труд и социјална политика, Секретарјатот за европски прашања при Влада на РМ, Членовите на работната група за изработка на Законот, Членовите на Националниот совет за евроинтеграции, Членовите на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на Република Македонија.

Коментарите во однос на последниот текст на Предлог - законот за здруженија и фондации, на 19 февруари беа доставени до Министерството за правда, Членовите на работната група за изработка на предлог-законот, Членовите на Националниот совет за евроинтеграции, Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Со оглед на важноста на граѓанскиот сектор за развојот на демократските вредности во едно општество, од особено значење за функционирањето на истиот е креирањето на една либерална и конзистентна правна рамка на правото на слободно здружување, кое е загарантирано со членот 20 од Уставот на Република Македонија. Имајќи го ова предвид, ФИООМ понуди забелешки и сугестии на дел од решенијата содржани во Предлог-законот кои се однесуваат на правната рамка за ефикасно остварување на правото на здружување во Република Македонија.

Коментарите се однесуваат на предложените решенија кои ги уредуваат прашањата за: 1) статусот од јавен интерес, како институт кој досега не постоеше во правниот систем на Република Македонија, 2) можностите на граѓанските организации да учевствуваат во јавниот живот и во креирањето политики и прописи, 3) организационата структура на здруженијата и фондациите, како и извесен број останати прашања од значење за ефикасното користење на правото на здружување.


Коментари на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација
(.pdf)

Коментари на Предлог-законот за здруженија и фондации (.pdf)

Конкурс за стипендирање на студенти Роми за академска 2010/2011 година


REF logo Ромскиот образовен фонд/Програма за стипендирање (REF/SP) го објавува по единаесетти пат конкурсот за стипендирање на студенти Роми во рамки на Програмата за стипендирање на студенти Роми/Roma Memorial University Scholarship Program (РМУСП).

Право на конкурирање за стипендија имаат кандидати кои:
• се запишани како редовни студенти на признат универзитет во РМ во академската 2010-2011 год.
• се на додипломски, магистерски или докторски студии
• се државјани на Република Македонија
• исто така може да се пријават и средношколци кои го завршуваат своето четиригодишно средно образование и планираат да се запишат на некој од признатите универзитети во РМ во академската 2010/2011 год.

Во предвид ќе бидат земени само оние кандидатите кои ги исполнуваат критериумите за конкурирање во програмата и кои доставиле целосен пакет со пријава при тоа почитувајќи ги крајните рокови посочени во упатството за конкурирање. Изборната комисија на РМУСП ќе доделува стипендии врз основа на конкуренција на оние кандидати чиј што пакет со пријава има највисока квалитативна вредност, имаат висок академски успех, се општествено ангажирани, имаат висок квалитет на препораките како и врз основа на препораките на Советодавната комисија. Конечната селекција ја прави Изборна комисија на програмата за стипендирање РМУСП од Будимпешта.

Рокот за пријавување за стипендии е до 30-ти април 2010.

Пријава и детални инфорамции за потребните документи, за процесот на пријавување и селекција, критериуми, и др. можете да ги најдете на веб страната на Програмата (http://ref.rmusp.org/).

Ве молиме имајте во предвид дека сите заинтересирани кандидати од Македонија мораат да ги праќаат своите целосни документи до координаторот на Програмата исклучиво по препорачана пошта на долунаведената адреса:

Фондација Институт отворено општество – Македонија
Програма за стипендирање на студенти Роми – РМУСП
бул. Јане Сандански бр. 111
1 000 Скопје, Македонија

Подетални информации и објаснувања поврзани за конкурсот за стипендирање на студенти Роми можете да добиете и во ФИООМ,
лице за контакт Ајсел Мемет, тел: 02 2444 488.
КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Јавните набавки во Македонија се нетранспарентни и бавни



javni nabavkiЦентарот за граѓански комуникации (ЦГК), во соработка со Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ), на 22 февруари 2010 година, одржа конференција на која го објави „Годишниот извештај за резултатите од мониторингот на процесот на јавни набавки во Република Македонија“.

Анализата на процесот на јавни набавки во државава е направена врз основа на избран примерок од 160 постапки, за чие спроведување беа објавени повици во „Службен весник“, во периодот ноември – октомври 2009 година.

Мониторингот покажа дека државните институции не се доволно транспарентни во процесот на јавните набавки и дури 40 отсто од нив не му даваат отчет на Бирото за јавни набавки. Исто така, во 25 отсто од мониторираните постапки донесена е одлука за поништување на постапката. Анализата покажува дека премногу долго трае процесот на евалуација и одлука за избор на најповолна понуда и дека одлуките се донесуваат во временска рамка од 30 до 90 дена. Договорните органи често користат нејасни и несоодветни критериуми за избор, а понекогаш тендерската документација се користи за манипулација во постапките. Мониторингот констатира дека од економските оператори се бара висока банкарска гаранција, која најчесто изнесува максимални 3 отсто од вредноста на понудата. Забелешка има и во поглед на употребата на електронските набавки, кои во 2009 година изнесуваат само 2,5 отсто. Недостига и контрола врз процесот на реализација на договорите за јавни набавки, зголемен е и бројот на жалби од страна на фирмите што укажува дека договорните органи се почесто прават грешки во постапките.

javni nabavkiЗа да се подобри процесот на јавни набавки во Македонија, Центарот за граѓански комуникации препорачува: вградување на прекршочни одредби во Законот за јавни набавки за договорните органи кои не ги почитуваат законските одредби, попрецизно дефинирање на условите на поништување на постапката, определување рок за одлука или поништување, дополнување на методологијата за изработка на критериуми, подобро подготвување на тендерската документација и почесто користење на електронскиот систем за јавни набавки како потранспарентен начин за реализирање на процесот на јавни набавки. Едновремено, ЦГК препорачува да му се даде законско овластување на Бирото за јавни набавки да може да врши контрола врз постапките кои се во тек, бидејќи со сегашниот Закон за јавни набавки, Бирото нема такво овластување.

На конференцијата присуствуваа претставници од бројни институции и организации кои се вклучени во процесот на јавни набавки, како и претставници од бизнис секторот.

Годишен извештај од Мониторингот на јавните набавки во Република Македонија - 2009 (.pdf 2,7Mb)

Ново издание на ФИООМ

Водич за граѓаните низ Министерството за животна средина и просторно планирање



vodicВодичот има за цел запознавање на граѓаните со надлежностите на Министерствата и органите во состав, нивната структура, услугите кои ги нудат кон физичките и правните лица и процедурите за нивно остварување.

Публикацијата претставува обид за доближување на јавните/државните институции до граѓаните во правец зголемување на граѓанската информираност за нивната работа преку унапредена сервисна ориентираност, транспарентност и јавен интегритет во Македонија.

Оваа публикација ќе биде преведена на албански, турски, српски и ромски јазик.

Преземете ја електронската верзија

на македонски јазик: Водич за граѓаните низ структурата, надлежностите и услугите на Министерството за животна средина и просторно планирање (.pdf 2Mb)

Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во 2010 година учествува во Балканскиот фонд за поттикнување на културата (BIFC)


Програмата на Европската културна фондација за финансирање - Балканскиот фонд за поттикнување на културата (BIFC) е фокусирана на меѓународната културна и уметничка соработка со/во Западен Балкан. BIFC сега е целосно одделена од другите програми за финансирање, а исто така е изменета постапката за аплицирање. Во иднина, кандидатите ќе можат да аплицираат во текот на целата година. Поднесените предлог-проекти ќе бидат разгледувани на секои три месеци, што значи дека апликантите можат да очекуваат да ги добијат нивните оценки во рок од најмногу три месеци.

За повеќе информации, ве молиме погледнете го нашиот веб-сајт и посетете ја главната страница за грантови (http://www.eurocult.org/we-support-cultural-cooperation/grants/) или посебната страница за BIFC (http://www.eurocult.org/we-support-cultural-cooperation/grants/balkan-incentive-fund/).

Балканскиот фонд за поттикнување на културата е поддржан од Институтот отворено општество – Мрежна програма за уметност и култура, Институтот отворено општество - Националните фондации во Косово и Македонија, и Министерството за надворешни работи на Словенија.

Ослободителна пресуда за организаторите на протестот „Плоштад Слобода“


slikaИнститутот за човекови права, на прес-конференцијата која се одржа денеска, 16 февруари 2010 година, презентираше судски одлуки од два судски процеси, за кои во рамките на проектот „Слобода наместо страв: Заштита на правото на мирно собирање и изразување јавен протест“, обезбедува бесплатна правна помош. Првиот процес се водеше против тројца организатори на протестот на плоштадот Македонија, во март 2009 година, членови на организациите „Плоштад Слобода“ и „Прва Архи-Бригада“. Вториот случај се однесува на штрајкот на вработените во фабриката за шеќер „4 Ноември“ АД, од Битола.

Организаторите на протестот на плоштадот Македонија беа обвинети дека не ги спровеле неопходните мерки за безбедност за време на протестот и не го прекинале јавниот собир кога дошло до судир со друга поголема група граѓани, поддржувачи на изградба на црква на плоштадот. Со тоа ја загрозиле безбедноста и личната сигурност на учесниците на протестот. Протестот беше организиран на 28 март, минатата година, против изградбата на црква на плоштадот.

Основниот суд Скопје 1, на 29 октомври 2009, донесе ослободителна пресуда за организаторите на протестот, и ги ослободи од одговорност со образложение дека навремено го најавиле протестот и ги презеле сите потребни мерки за безбедност.

Никола Наумоски, еден од организаторите на протестот изјави дека се задоволни од пресудата. Сепак, во тек е уште една постапка против други 7 лица од „Плоштад Слобода“ и „Прва Архи-Бригада“ кои учествувале на протестот, а се обвинети по други основи.

Наумоски изјави дека државата не презела ништо за да го спречи контрапротестот. Исто така, воопшто не е покрената постапка против лицата кои се појавија на плоштадот со цел да го спречат најавениот протест и физички и вербално ги нападнаа учесниците на протестот.

Во врска со случајот на вработените во фабриката за шеќер „4 Ноември“ АД Битола, Апелациониот суд во Битола во септември минатата година донел пресуда за прекинување на шест месечниот штрајк кој започна во март 2009 година. За судот, штрајкот на вработените е незаконит, затоа што сеуште траеле преговорите меѓу синдикатот и раководството на фабриката.

Претставникот на синдикатот, Драганчо Лингуровски, информираше дека веднаш по пресудата на Апелациониот суд, на штрајкувачкиот одбор и на дел од учесниците во штрајкот им биле поделени отказни решенија и дека моментално од нив се бара отштета од околу 20 милиони денари. Адвокатот, Филип Медарски, ангажиран во рамките на проектот, изјави дека според него, пресудата на судот е незаконска и дека правото на штрајк, согласно Уставот на РМ може да биде ограничено само во одредени услови. Според Законот за работни односи, во конкретните услови никако не можел да биде прекинат штрајкот на вработените, смета Медарски. Со оглед на тоа дека во овој предмет домашните правни лекови за заштита на правото на штрајк се исцрпени, во рамките на проектот „Слобода наместо страв: Заштита на правото на мирно собирање и изразување јавен протест“ ќе се пристапи кон подготвување на апликација со која од Европскиот суд за човекови права ќе се бара утврдување на повреда на правото на штрајк.

Проектот „Слобода наместо страв: Заштита на правото на мирно собирање и изразување јавен протест“ е финансиран од Ургентниот фонд на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија.

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Четврти извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ



ПРАВИ ЛИ ВЛАДАТА СПОМЕНИК ОД ЕУ?

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), на денешната прес-конференција го објавија четвртиот квартален извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ. Извештајот претставува хоризонтален пресек на постигнувањата во процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија, во периодот октомври- декември 2009 година.

Анализата покажа дека Собранието на Република Македонија, во текот на 2009 година, донесе вкупно 184 закони, од кои само 49 се со „европско знаменце“ и се предвидени со Националната програма за преземање на европското законодавство (НПАА) за 2009 година, како и дека голем број закони се донесувани по двапати, односно 18 закони се менувани по два или три пати и Собранието за нив расправало дури 39 пати. Оваа бројка укажува на проблеми во работата на Собранието кога станува збор за донесувањето закони, и го наметнува прашањето за тоа дали пратениците си ја извршуваат доволно добро работата за која се избрани и платени од граѓаните.

Прочитајте повеќе >>>

Преземете го извештајот (.pdf 860KB)

ЕКТС - реалност или илузија во високото образование


pictureМладински образовен форум (МОФ), на 27 јануари 2010 година, ја промовираше брошурата „ЕКТС - реалност или илузија во високото образование“, во која се објавени резултатите од истражувањето за спроведувањето на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Македонија.

Истражувањето покажа дека факултетите се на различен степен на имплементација на ЕКТС, во различните сегментии коишто ги опфаќа овој систем на образование. Во брошурата се содржани согледувања и препораки насочени кон: студентите, академскиот кадар, админстрацијата и менаџментот на високообразовните институции, државните органи и бизнис секторот. Со цел сублимирање на резултатите од истражувањето и давање на завршните препораки, МОФ го искористи искуството и упатеноста во областа на имплементацијата на ЕКТС на проф. д-р Зоран Поповски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна. Препораки се насочени кон поефикасна и поуспешна имплементација на ЕКТС, но воедно и кон подигнување на квалитетот на високото образование во Република Македонија воопшто.

Високообразовните институции во Македонија започнаа да работат по ЕКТС од 2003 година врз основа на стандардите воспоставени со Болоњската декларација од 19 јуни 1999 година. Имплементацијата на системот од страна на факултетите се водеше различно. Оваа ситуација доведе до тоа да не постои стандардизиран систем на студирање, при што се доведе во прашање и квалитетот на дипломата која ја добиваат идните академски граѓани. Воедно, имплементацијата на ЕКТС досега не беше набљудувана или тестирана од ниту едно тело, односно релевантен субјект.

Истражувањето се спроведе во рамките на проектот „Пристап до информации од јавен карактер“,во периодот од 1 април до 31 декември 2009 година. Во рамките на девет месечното истражување беа доставени вкупно 495 барања за пристап до информации од јавен карактер до шест факултети (Филозофски факултет - Скопје, Филолошки факултет “Блаже Конески” - Скопје, Правен факултет “Јустинијан Први” - Скопје, Економски факултет - Скопје, Архитектонски факултет - Скопје и Факултет за Електротехника и информатички технологии – Скопје) и до Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со овој проект се вршеше набљудување на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на високообразовните институции, а со цел да се дојде до информации за тоа како се спроведува ЕКТС во областите: студентски права, факултетска администрација, финанси и студентска мобилност и мобилност на наставниот кадар.

Преземете го пдф изданието на брошурата „ЕКТС - реалност или илузија во високото образование“ - 11MB

ТУЖБА ЗА КЛЕВЕТА


Тужба за клевета против Драган Павловиќ – Латас заради наодите изнесени во написот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“


tuzbaДенеска, 22 јануари 2010 година, до Основниот суд Скопје I беше поднесена тужба против уредникот во весникот „Вечер“, Драган Павловиќ – Латас. Тужбата ја поднесоа оштетените Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Ивица Антески, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Марковска Милчин, Ида Протуѓер, Билјана Секуловска и Ерол Ризаов, по повод наодите изнесени во написот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“, објавен во „Вечер“ на 18 декември, 2009 година.

Во тужбата се наведува дека во текстот во „Вечер“ се објавени невистини со цел да им се наштети на угледот и на честа на новинарите, интелектуалците и на претставниците на граѓанските здруженија што се споменуваат.

Тужбата се поднесува против главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ - Латас со оглед на тоа дека објавениот текст во „Вечер“ не е потпишан.
ДЕБАТА

Втор ден од дебатата „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“



debataНа вториот ден од дебатата „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“, учесниците дискутираа за улогата на медиумите во конфликтот 2001 година. Панелистите: Небојша Карапејовски од ТВ Менада - Тетово, Снежана Лупеска од Канал 5, Сашо Орданоски и Сефер Тахири од ТВ Алсат, дебатираа за тоа дали новинарите за време на судирот во 2001 година останаа на страната на фактите или пак, претставуваа продолжена рака на пропагандната машинерија, дали новинарите останаа професионални или пак, се однесуваа „патриотски и лојално“ кон една од двете страни на судирот и дали македонското новинарство е обучено и опремено за известување во ситуација на конфликти и воени кризи.

debata 2Дводневната дебата заврши со сесијата: „Дали конфликтот е завршен? Дали помирувањето се случи? Дали последиците ги разрешуваат причините?“. Дискутантите: Стојанче Ангелов, здружение на бранители „Достоинство“, Виолета Петровска Бешка, Институт за психологија, Абедин Зумбери, пратеник од НД, Надица Мирчевска, поранешен претседател на здружение „Херои на Македонија“, Филип Петровски, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Исмет Рамадани, Евро-Атлантски совет на Македонија, Бесим Хода, здружение на воени ветерани на поранешна ОНА и Еуген Јаковиќ, „Документ – Центар за соочување со минатото“, од Загреб, Хрватска, зборуваа за различни аспекти поврзани со помирувањето и заокружувањето на конфликтот. Се дискутираше за напорите на државата за решавање на конфликтот, за преговорите и нивната содржина, за жртвите за време на преговорите, за измените на Уставот, за демилитаризацијата на ОНА, за мисијата „Неопходна жетва“, за амнестијата и аболицијата, за киднапираните и жртвите на двете страни, како и за хашките случаи.
ДЕБАТА

Прв ден од дебата „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“



debataФондацијата Институт отворено општество - Македонија, во хотелот Холидеј Ин, во Скопје, денеска и утре (20 и 21 јануари 2010 година), организира дводневна дебата насловена како „Историја и апокрифи - демитологизација на 2001“. Основната идеја и цел на оваа дискусија е да ги вкрсти ставовите, мислењата, фактите и аргументите на: директните учесници, политичарите, аналитичарите, академската јавност и интелектуалците, за конфликтот во 2001 година.

На првиот ден од дебатата, Виктор Габер, амбасадор во МНР, Манчо Митевски, уредник во „Утрински весник“, Ризван Сулејмани, Институт за политички и интеркултурни студии и Љубомир Фрчкоски, Правен факултет „Јустинијан Први“ се обидоа да дадат одговор на прашањето: „Дали ни е потребна демитологизација на 2001 година?“. Сите дискутанти се согласија дека демитологизацијата и демистификацијата на конфликтот во 2001 година е потребна. Според нив, потребно е време и политичка волја да се отворат сите прашања поврзани со конфликот и да се даде одговор на прашањето зошто ни се случи 2001 година. Еден дел од дискутантите се залагаат за правна разврска на споровите кои датираат од овој период, а речиси сите се согласија дека принципот на инклузивност на етничките заедници во општеството, кој е вграден во Рамковниот договор е лекцијата која Македонија ја научи и која је претвори од мултиетничко општество во мултиетничка држава. Затоа, тие истакнаа дека Рамковниот договор, како гарант за мирот и стабилноста на Македонија треба да се почитува и да се реализира. Дел од дискутантите зборувајќи за Рамковниот договор и за принципот на инклузивност истакнаа дека актуелната власт не го почитува овој документ и дека токму таквото однесување може повторно да ја донесе Македонија во криза.

debata 2Бројните учесници на денешната дебата дискутираа и за различните верзии и видувања на клучните настани за време на конфликот во 2001 година (панелисти беа Рафис Аљити, потпретседател на Собранието на РМ, Владимир Бучковски пратеник на СДСМ, Марк Лејти, автор на книгата „Спречување војна во Македонија“ и Г’зим Острени, автор на книги), а имаа можост да ги слушнат и рецензиите на книгите кои се преведени и издадени од ФИООМ, во рамките на проектот „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“ (рецензенти беа: Билјана Ванковска, професор на Институтот за одбранбени и мировни студии, Ветон Љатифи, професор на УЈЕ, Мирјана Малеска, професор на УЈЕ, Мерсел Биљали, професор на ФОН, Сандра Исмановска, автор, Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност).

Дебатата продолжува утре (21 јануари 2010 година) со дискусија за улогата на медиумите во конфликтот, како и за тоа дали конфликтот е завршен, дали помирувањето се случи и дали последиците ги разрешуваат причините.

НАЈАВА

ФИООМ организира дебата на тема „Историја и апокрифи - демитологизација на 2001“



Целта на дебатата е да се вкрстат погледите на, условно речено, двете страни, што беа дел од вооружениот конфликт во 2001 година. На дебатата ќе говорат политичари, претставници на здруженија, професори, новинари и аналитичари, од Македонија и странство, кои непосредно или посредно се поврзани со настаните од 2001 година.

Настанот ќе се одржи на 20 и 21 јануари (среда и четврток) 2010 година со почеток во 10.00 часот во хотелот „Холидеј Ин“, сала Милениум 1.

Дневен ред (.pdf)

Прилог кон дневниот ред (.pdf)
ОБЈАВА

за набавка на училишен прибор



1 Објавa број: FOSIM/EMGF/10011 UP

2 Финансирање: Фондација Институт отворено општество – Македонија од Соросовиот Ургентен фонд за интервенции насочени кон ублажување на последиците од економската криза

3 Нарачател: Фондација Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) за потребите на проектот Помош во образование на сиромашни

4 Корисници на опремата: Ученици од I-VIII одделение во основно образование

Комплетната објава

Комплетна документација за набавка на училишен прибор - ЗА ПОПОЛНУВАЊЕ

Комплетна документација за набавка на училишен прибор - ЗА ПЕЧАТЕЊЕ

Дистрибутивна листа
ПРОГРАМА ЗА РЕФОРМА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Државните институции не се транспарентни и отчетни за трошењето на јавните пари



slikaЦентарот за граѓански комуникации денеска го презентираше четвртиот квартален Извештај за резултатите од мониторингот на процесот на јавни набавки, кој покрај редовната анализа на постапките за јавни набавки, содржи и анализа на правната заштита во постапките за јавни набавки. Во извештајот, меѓу другото, се констатира:

• Наспроти законската обврска, некои државни институции, меѓу кои и министерства, во текот на 2009 година не доставиле ниту едно известување за склучен договор за јавна набавка до Бирото за јавни набавки.

• Се зголемува бројот на државни институции кои до Бирото за јавни набавки не доставуваат податоци за направените трошења до 20.000 евра за набавка на стоки и услуги, односно до 50.000 евра за набавка на работи.

• Се продлабочува проблемот со одолговлекување на донесувањето на одлуката за избор на најповолна понуда. Од вкупно 40 мониторирани постапки за јавни набавки во овој квартал, одлука за избор на најповолна понуда не е донесена во дури 13 случаи (33%), а временското одолговлекување на донесување одлука во овие постапки се движи од 50 до 120 дена.

• Се ублажува проблемот со поништување на постапките за јавни набавки. Од мониторираните 40 постапки за јавни набавки, целосно или делумно се поништени 7 постапки или 17,5%, што претставува извесно ублажување на овој проблем во однос на претходниот квартал, кога беа поништени 25% од постапките.

• Иако зголемено, користењето на електронскиот систем за јавни набавки во последниот квартал од 2009 година сè уште не е на задоволително ниво. Во 2009 година, преку Електронскиот систем за јавни набавки се спроведени само 2,5% од постапките, со што се доведува во прашање подготвеноста за остварување на законската обврска – од идната година, уделот на електронските аукции да изнесува 30% од вкупната вредност на јавните набавки.

• Пораст на бројот на жалби по јавни набавки од страна на фирмите во последните 6 месеци. Економските оператори (фирмите) сè почесто ги оспоруваат одлуките за избор на најповолен понудувач на договорните органи (државните институции). Притоа, ДКЖЈН сè почесто ги уважува жалбите, односно ги наоѓа за основани (се уважува секоја четврта жалба). Ова укажува на фактот дека договорните органи сè повеќе ги прекршуваат законските одредби, односно прават грешки во постапките.

Прочитајте повеќе >>>
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Власта не смее да го замолчи граѓанското општество



pressНВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), на прес-конференцијата одржана денеска, 28 декември 2009 година, најостро го осудија обидот на владејачкото мнозинство да го замолчи граѓанското општество, како и инструментите со кои се служи за да го дискфалификува легитимното право и обврска на граѓаните да ја следат и оценуваат работата на секоја власт.

НВО Инфоцентарот, МЦЕО и ФИООМ, на последната седница на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) беа изложени на неосновани жестоки напади и етикетирања од страна на пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, членови на Советот, а притоа ни беше одземено и правото да ги изнесеме нашите факти, аргументи и ставови.

Прочитајте повеќе >>>
Стечајците добија 50 кебиња


30 kjebinja za stecajciСтечајните работници кои штрајкуваат со глад во Куманово денеска ги посетија претставници од Институтот отворено општество Македонија и им донесоа 50 кебиња.

„Работниците потенцираа дека им е студено и сметавме и дека на оние кои штрајкуваат со глад не мора и да им студи.Треба да се искаже човечка солидарност секогаш и затоа ако е потребно ќе донесеме лекови кои не се на листата, а ќе организираме и бесплатна правна помош за стечајците.Мислам дека државните институции не можат да останат глуви на штрајкот особено што не се работи за толку голем и несовладлив финасиски залак за да се овозможи овие луѓе да си ги оставарат правата“ - вели Владимир Милчин.

Тој смета дека е егоистична и алчна нашата власт кога не сака да го реши проблемот на социјално најниската категорија на луѓе.

Стечајците штрајкуваат веќе 12 дена и досега никој од власта не ги посетил. Постојано се под лекарства поради нарушеното здравје, но велат дека нема да се откажат од штрајкот се додека не се реши нивното прашање.

Извор: KumanovoNews.com


Медиумско огледало - Архива
Архива на Медиумско огледало


Архива 2009
Архива на настани и новости 2009


Архива 2008
Архива на настани и новости 2008


Архива 2007
Архива на настани и новости 2007


Архива 2006
Архива на настани и новости 2006


Архива 2005
Архива на настани и новости 2005


Архива 2004
Архива на настани и новости 2004

 
назад  
 

     © Copyright 2010, Foundation Open Society Institute - Macedonia. Web site developed by Metamorphosis - Foundation for sustainable ICT solutions